Британска компанија им дава четири дена подолг годишен одмор на непушачите

Британска компанија им дава четири дена подолг годишен одмор на непушачите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Вработените што не пушат во една британска компанија се наградени со четири дополнителни дена одмор.

„Кеј-си-џеј трејнинг енд емплојмент солушнс“ во Свиндон, Англија, сака да му надомести на персоналот кој не пуши наместо да ги казни оние што пушат.

Управниот директор Дон Брајден ја воведе оваа мерка и покрај тоа што и самиот е пушач.

- Мерката е прифатена во компанијата и од пушачите и од непушачите. Не правам никаква дискриминација. Ако направите пауза за пушење, направете. Не го забранувам тоа. Но, ако станува збор за три паузи по 10 минути на ден, тоа е еднакво на 16 дена во годината, базирано на осумчасовен работен ден - вели тој.

- Ајде да кажеме дека земате само една 10-минутна пауза за пушење на ден. Тоа се нешто повеќе од пет дена - вели Брајден и додава дека ако ова ги мотивира луѓето да се откажат од пушењето, тогаш тие ја имаат неговата целосна поддршка.

- Ме прашаа: Ако некој не пуши цели три месеци, дали ќе му дадам слободен ден? Секако. А, ако успеат да не пушат шест месеци, ќе им дадам два дена. Запомнете, поздравото работно место е посреќно работно место. Работам и ќе работам со луѓе што пушат, но сакам да се осигурам дека оние што работат додека другите пушат ќе добијат некаков надомест - вели Брајден.