Две децении ја следи македонската ракометна репрезентација на сите првенства

Две децении ја следи македонската ракометна репрезентација на сите првенства

Подготвил: Соња Алексоска–Неделковска - наш известувач од Виена

Лектор: Ивана Кузманоска

Куриозитет за овој навивач е што паралелно ги следел и бил присутен на европските првенства на кои настапувала македонската кошаркарска репрезентација. За билети и престој во странство досега потрошил колку еден стан во Скопје


Името Ристо Илков (58), кој е од Дојран, не им значи многу на македонските спортски фанови. Но, ако го споменете Фичо Дојран, тогаш сите со воодушевување ќе ви кажат дека тој е најголемиот обожавател на македонскиот спорт. Фичо со голема страст ја бодри македонската ракометна репрезентација и на Европското првенство во Виена. Тој две децении ги следи нашите момчиња на сите првенства.
- Првпат како навивач на ракометната репрезентација бев присутен во Италија во 1998 година, тоа всушност беше и прв настап на Македонија на европско првенство во ракомет. Оттогаш сум присутен на сите светски и европски првенства во ракомет. Бев во Хрватска, Шпанија, Полска, Катар, Франција, Србија, Данска...


Ристо Илков - навивачите го знаат како Фичо Дојран

Љубовта кон спортот му се појавила како дете, кога ги следел натпреварите на фудбалскиот клуб „Дојранско Езеро“. Куриозитет за овој навивач е што паралелно ги следел и бил присутен на европските првенства на кои настапувала македонската кошаркарска репрезентација.
- Ќе издвојам два меча кои ги доживеав како најголема радост и тага. Првиот е кога ја победивме Литванија и се пласиравме во полуфиналето на европското кошаркарско првенство. Тогаш ја почувствував најголемата радост. Вториот, кога изгубивме од Данска во последната минута на Европското ракометно првенство и не успеавме да се пласираме во полуфиналето. По тој меч тагата едноставно беше преголема - вели Фичо.
Голема страст на Фичо е фудбалот. Од дете навива за „Црвена звезда“. Ги следи сите натпревари на овој клуб, како и на македонската фудбалска репрезентација. Има над 500 билети, кои ги чува и еден ден планира оваа колекција да ја врами во една голема слика.

Сè плаќа сам, досега потрошил колку еден стан во Скопје

Тој не е еден од „привилегираните“ навивачи на нашата ракометна репрезентација. Самиот одвојува средства за своите многубројни навивачки патувања и доживувања.
- Не жалам пари за спортот и за Македонија. Досега сум вложил средства во вредност на еден поголем стан во Скопје или во Белград. Но, атмосферата, пријателствата меѓу навивачите и победите на Македонија едноставно немаат цена. Спортот ми создаде многу пријатели. Томче Лазаревски од Битола го запознав во 2009 година на Европското првенство во Хрватска. Оттогаш станавме неразделни и често се посетуваме во Битола и во Дојран - раскажува тој.

Фичо, како и другите навивачи во Виена, вечерва ќе го даде максимумот за да ѝ помогне на Македонија да се пласира во вториот круг.
- Шансите да се пласираме на Олимпијада ги пропуштивме во Гетеборг во 2012 година и во Гдањск во 2016 година. Посакувам и верувам дека ако ја победиме Австрија и се пласираме во втората фаза, ќе успееме да обезбедиме квалификации за Олимписките игри во Токио. Мој најголем сон е да навивам за Македонија на една Олимпијада.