По скалилата на успехот со Ирена Колиштркоска-Настева: зависник од археолошката прашина и гламурот на праисторијата наталожени во земјените пластови

По скалилата на успехот со Ирена Колиштркоска-Настева: зависник од археолошката прашина и гламурот на праисторијата наталожени во земјените пластови

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Љубопитноста да се бара одговор на многу нешта, како и желбата и вљубеноста во старите работи и севкупната уметност биле првите искри што ја разгореле љубовта на Ирена Колиштркоска-Настева кон археологијата, музејското работење и културата воопшто, области каде што за нејзиниот истражувачки придонес годинава беше наградена со наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Ирена Колиштркоска-Настева 35 години опстојува во полето на културата, музејското работење, со акцент на археологијата. Гламурот во праисторијата таа го постигнала со најеминентната и најчесто презентирана изложба кај нас и во светот под наслов „Праисториските дами од Македонија“. Таа е активен теренски археолошки истражувач, музејски куратор и автор на 20 изложби, учесник на над 30 меѓународни конгреси и симпозиуми, и има објавено 47 научни труда во стручни списанија кај нас и во странство, како и каталози од самостојни изложби.


 - Кај мене постоеше желба и вљубеност во старите нешта и севкупната уметност, за што бев наградувана за ликовни и скулптурални решенија во школските денови. Како девојка, имав обиди да правам колекции од дрвени етносадови и лажици, што ја оправдува мојата подоцнежна определба за музејско колекционирање, како што е сега во мојот реален живот, поточно во сферата на археологијата. По пат на археолошки истражувања и ископувања видно придонесов да се зголеми збирката за праисторија во Археолошкиот музеј.

Претпоставувам дека кон археологијата ме привлече мојата љубопитност, која бара одговор на многу нешта. Патувајќи и следејќи ја конфигурацијата на почвата низ државата, со често поставувани прашања - што е под онаа почва во нивата или на падините на некој рид? Можеби е римски период или праисторија? Бедем ли е онаа линија во брдото? При патувањата кај нас и во светот секогаш посетував музеи и се воодушевував од археолошки старини и ликовни дела од сите периоди наназад. Ме повикуваа и археолошките локалитети, а некои од нив ги посетував по неколку пати.


На Катедрата за историја на уметноста покажала интерес кон археологијата

Како студент на Филозофскиот факултет, на Историја на уметноста со археологија, Колиштркоска-Настева успеала теоретското знаење да го поткрепи со практична работа, директно на археолошките ископувања.

- На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ студирав на Катедрата за историја на уметноста со археологија и таму покажав интерес и љубов кон археологијата, но, искрено, првенствено при уписот на оваа катедра ме влечеше историјата на уметноста. Низ студиите и по дипломирањето, барајќи вработување, имав можност да бидам вклучена во проекти на истражувачки археолошки екипи, како и на конзервација на фреско-живописи во христијански цркви. Така успеав теоретските сознанија од студиите да ги надградам со директна практика на теренски археолошки ископувања и конзерваторски фреско-зафати и вештини. Откако се вработив во Музејот на Македонија, во археолошкиот оддел, низ работата успеав, покрај утилитарноста на откриените движни и недвижни археолошки наоди, да го спознам, по пат на анализи, естетскиот и уметничкиот израз во разновидноста на артефактите и на нив да извршувам хронолошки определби и културен идентитет.


„Големата мајка“ за мене беше првото големо откритие

Познатиот артефакт наречен „Големата мајка“ е првиот голем наод во чие ископување учествувала Ирена. Таа го смета тоа за знак на надеж, дека треба да продолжи со копање и дека ја чекаат уште многу интересни артефакти под оваа земја. За тој период вели: „Оттогаш станав зависник од археолошката космичка прашина наталожена во земјените пластови.“

- Како студент почнав со теренски археолошки ископувања и бев член во истражувачката екипа на познатиот праисториски локалитет од периодот на неолитот - Тумба Маџари, раководена од археологот Воислав Санев. Таму работев повеќе од десет години, додека студирав, по завршувањето на студиите и како вработен археолог-праисторичар во Музејот на Македонија. Веројатно за широката јавност, покрај илјадници наоди, од овој локалитет ќе остане во меморијата препознатливиот наод на теракотната фигура наречена „Големата мајка“ (Магна матер). Тоа за мене беше првиот моќен наод откриен „in situ“, кој ми даде надеж дека под оваа македонска почва чекаат уште многу артефакти да ја видат денешната сончева светлина и да бидат претставени пред широката јавност.

Над педесет теренски ископувања остануваат зад мене, навистина е долг списокот со археолошки локалитети, но најдолгорочни се истражувањата на лок. Пилаво, Бурилчево и лок. Св. Атанасиј, Спанчево, во Кочанско. На двата се истражуваше по десетина години. Откриен е исклучително богат керамички материјал, од секојдневна до луксузна садова керамика, а за богатиот духовен живот говорат триесетина пронајдени теракотни фигурини со претстави на жени со декорирани тетовирани тела. Бесценета е колекцијата на овие фигурини од споменатите локалитети кои се поставени во изложбениот простор на праисторијата - збирка енеолит, во Археолошки музеј. Мноштво преубави наоди се откриени од овие ископувања, за што сведочат исполнетите музејски витрини.


Теренска работа со ајвар, сиренце, краставички, поправка на возилото...

Теренските истражувања и музејските работи се во нераскинлива врска, вели Ирена. Според неа, најубавите мигови при теренската работа се кога со колегите, со вперени погледи во далечините на разиграните ридови, се обидуваат да најдат, и тоа низ стручните разговори, одговори за жителите што ги населувале населбите кои ги истражуваат.

- Работам на теренски истражувања, на голем број од нив како раководител, а на дел како стручен соработник, но неопходна е и кабинетско-музејската работа, каде што со анализи и паралели се определува хронолошката рамка на откриените материјали од ископувањата. По сето ова следува презентирање на научните трудови објавени во стручни списанија кај нас и во светот, презентирање на научните сознанија со учество на меѓународни симпозиуми. И, секако, основно е избраните и најрепрезентативните археолошки наоди да бидат изложени во музејските витрини, за да може посетителите да се запознаат со нашето богато минато.

Се случуваат и по неколку проектни ископувања во една година. Бескрајна листа со обврски: подготовки на проекти, конкурирање на конкурси во Министерството за култура, предмер пресметки за целокупниот зафат, правење „магии“ со недоволно средства да се дојде до одредени планирани замисли во копањето, целодневни теренски обврски со соработниците, колегите, работниците. Обезбедување простор за сместување на екипата во селски куќи, транспорт на алати и др. теренски и канцелариски предмети, животни намирници - ајвар, сирење и краставички за да ги дочекаме задоцнетите дневници. Возење до теренската одредница секојдневно, поправки на возилото...

Со колегите на терен со обидуваме да ги разрешиме дилемите од типот каде бил најблискиот извор за вода, каде ја чувале стоката, колку керамички садови просечно имало едно живеалиште и многу други сродни теми, со цел да создадеме слика за нивниот тогашен живот. Во попладневните и ноќни часови следува контрола на археолошкиот истражен материјал, селектирање, миење, документирање, пакување, а по враќањето во музеј, документација, лабораториска обработка, чистење, конзервирање и конектирање на откриените фрагменти со помош на  конзерваторската екипа. Подготовки на извештаи за надлежните институции и финансиски отчет.


Технологијата ја менува работата на археолозите во позитивна насока

Колиштркоска-Настева имала можност да работи на локалитети од праисторијата, па сѐ до средниот век, но преовладала праисторијата. Нејзините почетоци сепак се врзани со праисторијата, така што и самата вели дека на нејзино големо задоволство, во музејот е определена на работно место за енеолитскиот период, кој го опфаќа 4 и средината на 3 милениум пр.н.е.

- Низ годините полека, но сигурно се вљубив во теракотните фигурини откриени низ татковината, кои потекнуваат од далечните периоди на неолитот и енеолитот, поточно од 6 милениум пр.н.е. па сѐ до средината на 4 милениум пр.н.е. Направив изложбена целина под наслов „Праисториските дами од Македонија“. Во оваа изложба се внесени 95 теракотни фигурини со женски израз.

Технологијата ја менува работата на археолозите во позитивна насока, со геомагнетни теренски истражувања се успева да се осознаат многу градби, објекти, населби, а сето тоа без ископувања, што заштедува средства и време. Инаку, познато е дека од буџетот за култура се издвојуваат средства колку едвај да минат низ иглени уши, затоа останува да заклучам, конкретно во моите долгогодишни ископувања, дека секогаш ентузијазмот и вљубеноста во археологијата и музеологијата ме туркале кон реализација на сите проекти.

фото: Приватна архива