Исидора Давитковска, првенец на генерацијата на Фармацевтскиот факултет, паричната награда од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ ќе ја донира за СОС Детско село

Исидора Давитковска, првенец на генерацијата на Фармацевтскиот факултет, паричната награда од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ ќе ја донира за СОС Детско село

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

„За мене, оваа награда има големо значење бидејќи покрај личното признание, ми овозможи и да помогнам таму каде што е најпотребно“, вели таа.

Еднократната парична награда од 1.200 евра што Фондацијата „Трајче Мукаетов“ ѝ ја додели на дипломираната фармацевтка Исидора Давитковска од Куманово, првенец на генерацијата на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, таа одлучи да ја донира во СОС Детско село.

- Еднократната парична награда и признанието првенец на генерацијата ги доживувам како награда за мојот труд, упорност и посветеност во текот на целиот студиски процес. Кога дознав дека ќе ја добијам оваа награда, одлучив средствата да ги насочам кон хумана цел. Се пријавив за континуирана месечна донација за СОС Детско село со цел да им помогнам на децата без родители, на кои таа помош им е најпотребна - вели Давитковска.



Магистрира во област која нуди можности за лекување болести кои се сметаат за неизлечиви

Од трета година до крајот на студирањето во 2024 беше стипендистка на Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Студиите ги заврши во рекордно време со просек 9,77. Точно пред една година се стекна со звањето магистер по фармација, бранејќи го магистерски труд поврзан со употреба на нови, најсовремени нанобиотехнолошки системи кои ја претставуваат иднината на медицината и имаат огромен потенцијал да го револуционизираат начинот на дијагноза, третман и превенција на болести.

- Оваа исклучително значајна област нуди можности за лекување многу ретки болести кои до неодамна се сметаа за неизлечиви или терминални, како и решавање многубројни досега отворени медицински прашања што може да влијае врз милиони луѓе во светот. Дополнително, големо влијание врз мојата определба има и менторот на мојата магистерска работа, доц. д-р Душко Шалабалија, кој уште од почетокот на студиите ми разви голем интерес и љубов кон фармацевтската технологија - вели Исидора.



Потекнува од семејство на фармацевти

Со фармација била опкружена уште од најмала возраст. Мајка ѝ и сестра ѝ се фармацевти. Нејзиното семејство 25 години има аптека во Куманово која го носи нејзиното име.

- Имав можност одблиску да се запознам со одговорноста, хуманоста и значењето што ги носи оваа професија, за она најважното – човечкото здравје. Токму таа комбинација од семејна традиција, лична поврзаност и желба да придонесувам во грижата за пациентите беше пресудна во изборот да студирам фармација – објаснува Исидора.



На вежби секогаш одела подготвена

При подготовката на испитите најмногу се водела од желбата логички да ги разбере и да ги поврзе работите.

- Се трудев теоријата, задачите и практичниот дел да ги гледам како целина, со цел подлабоко да навлезам во материјата и вистински да ја совладам. На вежби одев секогаш подготвена, со претходно прочитана вежба, и се трудев да бидам што поактивна. Голема улога имаа и професорите и асистентите, кои секогаш беа достапни за дополнителни објаснувања и разјаснување на сите можни прашања. За темите што особено ме интересираа читав дополнителна литература и истражував - додава Давитковска.



Им помагала на другите сметајќи дека нивното знаење не може да го намали нејзиното

Најдрагиот спомен од студентските денови ѝ е секојдневното патување од родното Куманово до Скопје во текот на сите 5 години, заедно со нејзините колеги, денес многу блиски пријатели Дамјан и Јована. Патувањата биле секогаш исполнети со најразлични муабети, шеги, но и повторување на материјалот пред испитите.

- Мојата генерација студенти од Фармацевтскиот факултет е доказ за вистинска колегијалност, поддршка и атмосфера во која лесно се учи и напредува. Многу мои колеги еднакво ја заслужуваат оваа награда бидејќи заедно стекнувавме знаење и градевме простор за успех и пријателства за цел живот. Секогаш се трудев да им помогнам на моите колеги затоа што верував дека нивното знаење не може да го намали моето. Напротив, преку споделување и соработка сите растевме заедно, а токму тие моменти на солидарност и учење ќе ми останат најдлабоко врежани во сеќавањето – вели Исидора.



Сака да ја подобри перцепцијата на фармацевтите во државата

Моментално работи во аптеката на нејзините родители. Целта ѝ е целосно да ја совлада работата, како во делот на издавање лекови, советување на пациентите и обезбедување соодветна фармацевтска грижа, така и во делот менаџирање и водење сопствен бизнис. Откако ќе се стекне со практично знаење, размислува да продолжи на постдипломски студии. Сака да придонесе за промена на перцепцијата за улогата на фармацевтите во здравството и во општеството во целина.

- Реалноста е дека фармацевтите како здравствени работници и фармацијата како здравствена дејност се многу потценети. Аптеката не е обична продавница, фармацевтите не се продавачи, а рецептурата не е шалтер. Нашата улога е стручна, одговорна и клучна за безбедноста на пациентите. Во многу западни земји фармацевтите имаат проширени надлежности, вклучително и улога во пропишување терапии. Фармацевтите често ги детектираат и коригираат грешките во терапијата, дозирањето на лековите, можни интеракции и несакани ефекти, со што директно го штитат здравјето на пациентите. Фармацевтите се најдостапните здравствени работници, на кои пациентите многу почесто им се обраќаат за совет отколку на лекарите - вели Исидора.



Таа заклучува дека нема нешто поубаво од моментот кога пациент ќе дојде и ќе каже дека токму советот што вие сте му го дале му помогнал. Тогаш знаете, додава таа, дека сите часови поминати над книгите се исплатат и дека фармацијата како професија има клучна вредност и значење во општеството.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.