„Мојот маж“ е искрена претстава за табуата и стегите во нашето општество

„Мојот маж“ е искрена претстава за табуата и стегите во нашето општество

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

Претставата „Мојот маж“, според истоимената книга раскази од писателката Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ, ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје. Ова е првпат дело на една од најчитаните македонски раскажувачки да биде драматизирано. Интересот за претставата веќе е голем, за што зборува фактот дека претпремиерата, која е вечерва, е распродадена пред неколку дена, како и премиерата, нагласи директорката на Драмски, Катерина Коцевска. Таа истакна дека се радува што Витошевиќ повторно работи во Драмски, имајќи го предвид големиот успех на претставата „Странци“, која и по две години сѐ уште го полни гледалиштето.

Од книгата „Мојот маж“ на Бужаровска, која е вистински хит на Балканот, се избрани шест раскази чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова-Петровска и режисерката Витошевиќ. Таа посочи дека претставата отвора три клучни теми: промашен живот во депресивно опкружување, неверство и грижа на совест. Се обиделе, според неа, да нурнат во своите мисли и да трагаат по психата за да отворат горливи прашања во нашето општество.


Емилија Мицевска во сцена од претставата

- Преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика. Така што, целата претстава е наш дијалог со нејзините раскази и со самата публика - истакна Витошевиќ.

Во претставата играат: Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Велиќ, Исмет Шабановиќ, Игор Ангелов, Сара Климоска и Филип Трајковиќ, кои освен со актерската игра, придонесуваат и со авторски монолози. За костимите се погрижи Роза Трајчевска-Ристоска, а за сценографијата Костантин Трпеноски.
Драматизацијата ја направи Витошевиќ заедно со Викторија Рангелова-Петровска. Режисерката објасни дека Бужаровска ѝ дала целосна слобода да го претстави нејзиното дело на сцена.


Екипата на „Мојот маж“ заедно со режисерката Нела Витошевиќ (средина)

Актерите ја опишаа претставата како емотивна, искрена и храбра зашто на сцената се „соголуваат“ и себеси, раскажуваат вистински лични приказни, некои што не ги кажале ни пред најблиски.
- Секој од нас вади парче од својот живот на сцената. Но не за да покажеме колку можеме да се отвориме, туку за да им помогнеме на оние што се идентификуваат со она што е на сцената. Со претставата правиме многу голем исчекор, и театарски и книжевен. Многу сум среќна што Нела е режисерката што застана зад нејзините раскази. Јас би ја нарекла оваа претстава искрена - рече Арсовска.

Режисерката и актерите се особено задоволни и од тоа што на сцена се поставува македонска авторка, која веќе е многу популарна и на Балканот. Витошевиќ објаснува дека отвориле горливи прашања од македонскиот конзервативизам и патријархат.


Наталија Теодосиева

- Многу сум им благодарна на актерите што беа храбри и ми поверуваа. Горда сум на целиот тим. Кога дојдов пред две години да ја правам „Странци“, го чувствував театарот многу мртов и имав потреба да направам нешто за театарот и да му дадам жар. Многу се радувам што оваа претстава ја поставувам во Драмски театар, место во кое соработката помеѓу Унковски и Стефановски е многу значајна и ги има донесено најголемите признанија. Тие македонски тандеми треба да бидат обележје на овој театар. Мило ми е што јас можам со Румена да бидам тандем - рече Витошевиќ.

На актерката Трајанка Илиева-Велиќ процесот на работа на „Мојот маж“ ѝ бил како да посетува психијатар.

- Во еден момент сфатив дека не сум доволно поткована емотивно, па се обидов да се вратам назад во мојот живот за да дадам нешто што би служело за оваа претстава, ама сфатив дека имало што да кажам. Првпат се соочувам со ваков тип претстава. Сакам да нагласам дека работевме со тројца млади луѓе (Шабановиќ, Теодосиева, Климоска), за кои посакувам да станат дел од оваа куќа и тој талент мора да биде забележан и на некој друг начин - истакна актерката.
Многу емоции ќе се појават на сцена, на некој начин како сите да расчистуваме со нашето минато, не ги ставаме работите под тепих, изјави младиот актер Исмет Шабановиќ.

Наталија Теодосиева не ги криеше емоциите дури и на прес-конференцијата.



- Веројатно толку многу ја сакаме публиката и театарот штом толку се соголивме. Ѝ благодарам на Нела, во која безрезервно верувам. Јас влегов малку подоцна во претставата и на почетокот си мислев дека тоа ќе биде многу лесно, добро, имам и јас што да кажам, но кога почнав да копам подлабоко, сфатив дека тоа не е така лесно. Во такви ситуации може да повредиш некој близок, ама тоа е искрено - вели Теодосиева.
Сара Климоска признава дека отсекогаш сакала да работи со Витошевиќ, особено што е текст на Бужаровска. Актерот Игор Ангелов, кој често игра во претстави на Витошевиќ, вели дека бил можеби најмногу збунет на почетокот на претставата. Тој ја пофали режисерката дека умее да им даде шанса и поддршка на младите актери, нешто што е особено важно, посочи тој.

За актерот Филип Трајковиќ, оваа претстава била многу пресудна за да си одговори на прашањето што е смислата на животот на еден актер.
- Ова е многу емотивна претстава. Дадовме сѐ од себе. Неколку пати сум размислувал што е поентата на животот, што оставаш зад себе. Некој гради куќи и тоа се гледа, некако со претставата имам одговор дека и ние оставаме нешто многу големо зад себе, кое не може да се допре, но и тоа како ќе се почувствува - заврши Трајковиќ.