Ученици од Хонгконг го создадоа најмалиот хуманоиден робот во светот

Ученици од Хонгконг го создадоа најмалиот хуманоиден робот во светот

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Четворица ученици од тимот за роботика од машко училиште во Хонгконг го направија најмалиот хуманоиден робот на светот.

Роботот е висок само 141 милиметар, што е за 11,2 милиметри помалку од стандардното хемиско пенкало, соборувајќи го рекордот поставен од Пакистанецот Заин Ахмад Куреши во 2022 година.

Нивниот хуманоиден робот е официјално признат како нов Гинисов рекорд.

Учениците сакале нивниот робот да има голем опсег на движења, што значи да ги движи рамената, лактите, колената и колковите, а истовремено да совладува и двоножно движење.

Тие користеле КАД за дизајнирање на роботот, а по финализирањето на техничките спецификации и потребните компоненти, се потпирале на експертизата на фабриката која произвела серво-мотори, приспособени на нивните барања. Овие мотори играат клучна улога во функционалноста на роботот, олеснувајќи ја прецизната ротација и движење и му даваат моќ на роботот да ги движи екстремитетите. За да се постигне синхронизација на овие сложени компоненти, тимот набавил 16-канална контролна серво-плоча, како и низа основни хардверски материјали, од завртки и навртки, до жици и батерии.

Учениците направиле акрилни панели за роботот и користеле 3Д-печатач за производство на компоненти во лабораторијата за роботика во нивното училиште. Оваа комбинација на врвна технологија и иновативен дизајн кулминирала со создавање извонредно роботско чудо.

Покрај поставувањето нов светски рекорд, учениците го замислиле овој робот како едукативна алатка бидејќи е компактен, достапен, може да се полни и програмира, па може и да се користи во  едукативните работилници. Целта на оваа иницијатива е да се поттикне инклузивноста и пристапноста во рамките на технолошката едукација.

Со цел да се унапреди СТЕМ-образованието, тимот планира дизајнот и програмскиот код на роботот да бидат достапни бесплатно.

Извор: Klix.ba

Фото: YoutTube screenshoot/Smallest humanoid robot