Колку чинат, а колку пари ќе донесат Зимските олимписки игри 2026 година?

Колку чинат, а колку пари ќе донесат Зимските олимписки игри 2026 година?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 година го ставаат северот на Италија во центарот на светското внимание. Процените се дека ЗОИ би можеле да донесат 5,3 милијарди евра.

Италија првпат ги организира Зимски олимписки игри во 2006 г. Но овој пат моделот е поинаков и натпреварите се распоредени во повеќе градови: Милано, Кортина д'Ампецо, Верона, Валтелина и Вал ди Фјеме. Овој концепт ги спојува модата, културата и алпскиот туризам.

Туризмот носи милијарди

Според извештај на Банка Ифис, околу 2,3 милијарди евра ќе дојдат од туризмот.

За време на ЗОИ се очекуваат околу 1,1 милијарди евра потрошувачка од посетителите и организацискиот персонал. Дополнителни 1,2 милијарди евра се проценуваат во следните 12 до 18 месеци благодарение на продолжениот туристички бран.

Преостанатите 3 милијарди евра се однесуваат на инфраструктурни инвестиции и долгорочно наследство, модернизација на спортски објекти, патишта, железница и градска инфраструктура.

Организаторите очекуваат околу 2,5 милиони гледачи, со просечен престој од три ноќи и посети на повеќе градови и локални атракции.

Италија на пат кон 66 милиони туристи

Туризмот веќе е еден од столбовите на италијанската економија. Според „Оксфорд економикс“, Италија во 2026 би можела да пречека 66 милиони странски туристи (наспроти 60 милиони во 2023).

Сепак, ефектот од ЗОИ традиционално е помал од летните. За споредба, за Летните олимписки игри 2024 беа продадени меѓу 10 и 12 милиони билети, петпати повеќе од очекуваното во Италија.

Аналитичарите велат дека распределениот модел на организација го намалува ризикот од метежи и инфраструктурни застои и испраќа порака дека регионите се отворени за туризам и надвор од олимписките борилишта.

Трошоците под контрола


Процените на „СS&П глобал рејтингс“ покажуваат дека вкупните трошоци ќе изнесуваат меѓу 5,7 и 5,9 милијарди евра - околу 0,3 отсто од БДП на Италија за 2025 година.

Околу 63 отсто од трошоците ги покрива јавниот сектор, главно преку инфраструктурни проекти финансирани од Владата.

Игрите се поевтини од Зимски олимписки игри 2014 и Зимски олимписки игри 2022, но поскапи од повеќето зимски изданија во последните 20 години.

Дали приходите можат да ги покријат трошоците?


Интересот веќе расте. Бројот на меѓународни посетители во Северна Италија во клучниот период пораснал за 160 отсто. Речиси 80 отсто од жителите во погодените региони сакаат да присуствуваат барем на еден настан.

Владата одобри дополнителни 200 милиони евра за промоција, логистика и безбедност, а градовите во радиус од 30 километри од спортските арени добија дозвола да ја зголемат туристичката такса.

„С&П“ сепак предупредува дека долгорочниот макроекономски ефект нема да биде драматичен - Италија веќе е меѓу трите најпосетувани европски дестинации.

Вистинската добивка, според аналитичарите, ќе остане во инфраструктурата и квалитетот на живот - подобра поврзаност, модернизирани објекти и подобри јавни услуги дури и откако олимпискиот пламен ќе згасне.

Така, Милано–Кортина станува повеќе од спортски настан. Станува инвестиција во иднината на северот на Италија.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Wikipedia