Прв во светот - парк каде што можете да уловите над 600 покемони

Прв во светот - парк каде што можете да уловите над 600 покемони

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако некогаш сте сакале да фрлите „поке“ топка, да прошетате низ шума полна со покемони или да се возите на „Пикачу“, сега конечно можете. 

„Покепарк Канто“, првиот постојан тематски парк на отворено посветен на покемони, е отворен во Јапонија, сместен во забавниот парк „Јомиуриленд“, на околу половина час од центарот на Токио. Паркот се простира на 26.000 квадратни метри и е поделен на две главни области: „Сеџ Таун“ и „Покемон форест“, град и шума каде што посетителите можат да влезат во светот на џебните чудовишта.

„Сеџ таун“ е срцето на паркот - место за купување, јадење, фотографирање и забава. Тука ќе најдете Покемон центар, „Поке март“, претстави, тематски тезги со храна и возења со: вртелешката „Ви Ви Војаџ“ и атракцијата „Пика Пика Парадајс“.

Во центарот можете да го излекувате вашиот покемон исто како во играта, а кога ќе огладнете, можете да застанете на колачиња во форма на „поке“ топка или пијалаци инспирирани од булбасаур (киви и диња), чармандер (јагода и црн чај) и сквиртл (лимон). Исто така, има сладолед, пуканки и разни други тематски закуски - доволно за да го напуштите паркот сити и со барем еден сувенир повеќе од планираното.

Кога станува збор за сувенирите, продавницата „Даисуки“ е рај за љубителите на првата генерација покемони. Влезот е преку апликација по принципот „прв дојден, прв услужен“. Една од омилените атракции е получасовната претстава „Пика Пика Спаркс!“ Без дијалог, но со многу енергија, бои и препознатливи ликови, претставата е адаптирана и за посетители што не зборуваат јапонски. 

 

Вториот дел од паркот, „Покемон форест“, ве води на прошетка низ шумска патека долга околу 500 метри, каде што сте опкружени со стотици покемони во природна големина. Тука можете да ги видите како се дружат и позираат за фотографии - средината дава чувство како да сте влегле во реалниот свет на играта.


„Покепарк канто“ можеби не е Дизниленд, но и не е наменет да биде тоа. Она што го нуди е внимателно дизајниран пејзаж, повеќе од 600 покемони во природна големина, тематска храна, носталгични моменти и шанса повторно да бидете дете барем еден ден.

Ако планирате патување во Јапонија и покемоните биле дел од вашето детство, ова е местото каде што можете да добиете сѐ.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: YouTube screenshot