НАСА објави фотографија од судир на две галаксии

НАСА објави фотографија од судир на две галаксии

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во соѕвездието Херкул, 230 милиони светлосни години подалеку од нас, една жестока битка конечно завршува. Пар галаксии што се судриле, здружени од гравитацијата, конечно го положуваат оружјето и ги здружуваат силите.

Неодамна објавена фотографија направена со вселенскиот телескоп „Хабл“ ги прикажува двата ѕвездени система како се на раб да станат еден.

Кога оваа моќна битка била откриена првпат во 1784 година од страна на астрономот Вилијам Хершел, тој мислел дека е само една голема галаксија со абнормално заоблена форма.

Денес знаеме дека NGC 6052 всушност се две нешта во последните фази на спојување, толку многу приближени што нивните галактички рабови избледеле. Како што двете сè повеќе се приближуваат, индивидуалните ѕвезди ќе бидат исфрлени од нивните оригинални орбити и ќе бидат ставени на сосема нови патишта.


Фото: Science Alert

Ова може да звучи како катастрофа, но поради тоа што галаксиите се претежно празни простори, судирите меѓу ѕвездите се ретки.

- Поради тоа што ѕвездите ја создаваат светлината што ја гледаме, „галаксијата“ сега изгледа дека има хаотична форма. На крајот оваа нова галаксија ќе се смири во стабилна форма, што може да не личи на ниедна од двете оригинални галаксии - објаснија од Европската вселенска агенција.

И нашата галаксија, Млечен Пат, се претпоставува дека еден ден ќе доживее слична судбина со соседната галаксија Андромеда. Но, за среќа, нашиот судир не е толку неминовен. Научниците велат дека имаме уште најмалку четири милијарди години.