Запознајте ги четирите девојки што ќе нѐ претставуваат на Европската женска математичка олимпијада

Запознајте ги четирите девојки што ќе нѐ претставуваат на Европската женска математичка олимпијада

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Решавањето на задачите си го олеснуваме слушајќи класична музика и имаме голем број часови каде што учиме низ игра. Имаме и математички клуб каде што организираме различни активности за продлабочување на знаењата, вели Христина Митреска, ученичка во трета година во „Јахја Кемал“ во Струга, една од учесничките на претстојната Европска женска математичка олимпијада.


Јасна, Александра и Кристина учат во „Јахја Кемал“ во Скопје

Обединетите нации го прогласија 14 март за Меѓународен ден посветен на математиката, симболично во чест на бројот Пи (3,1415..). Што значи математиката за нашите млади математичари? Ги прашавме четирите средношколки што ќе нè претставуваат на Европската женска математичка олимпијада (ЕГМО 2020), која ќе се одржи од 15 до 21 април во градот Егмонд ан Зее, Холандија.
Анастасија Тортевска, Христина Митреска, Јасна Илиева и Кристина Тасева, сите ученички во приватното училиште „Јахја Кемал“, ќе ја претставуваат Македонија. Младите математичарки објаснуваат дека на подготвителни часови и кампови се подготвуваат заеднички за Олимпијадата, но во останатото време - самостојно.

Анастасија Тортевска: Математиката е загатка без крај

Анастасија Тортевска е матурантка во ова училиште, а олимпијадите не ѝ се ретки настани. Вели дека математиката за неа е загатка без крај што ја интересирала уште од мала. Низ многу прочитани книги, решени задачи и труд се развивала и љубовта кон оваа наука.
Таа веќе нестрпливо ги очекува одговорите од факултетите на кои аплицирала, а засега е примена на факултети во САД и во Англија.


Анастасија Тортевска

Од ЕГМО очекува да создаде нови другарки, да запознае нова култура, да ја прошета Холандија и, секако, да решава математика.
- Моето училиште става голем акцент на математиката во општата настава и таа што се практикува на натпреварите. Сите ученици заинтересирани за учество на математички натпревари добиваат целосна поддршка од училиштето - вели Тортевска.

Христина Митреска: Сакам да им помагам на децата со генетички болести

Една година помлада од неа е охриѓанката Христина Митреска, која учи во школото во Струга. За неа, математиката е кралица на науките, волшебна наука што ги отвора вратите на успехот.
- Многу ученици се плашат од неа само зашто пристапуваат на погрешен начин. Таа не се учи напамет, треба редовно и со разбирање да се учи за да не се појават празнини во знаењето. Математиката знае да биде многу интересна и примамлива, секогаш мислам неколку чекори нанапред. Голема е напнатоста додека се решава некоја задача, но потоа следува задоволството, радоста кога се има решението на дадениот проблем, а секој проблем е посебно откритие. Секојдневно се соочуваме со неа не знаејќи го тоа: мерење, проценти, камати, цени, рецепти - вели Христина.


Христина заедно со проф. Реџаи Генчели во струшкото училиште

За Митреска, математиката е уште поубава кога ќе најде примена во другите науки. Таа сака да студира генетика или молекуларна биотехнологија на некој од престижните универзитети во Германија.

- Сакам да им помагам на децата со генетички болести. Познато е дека за овие болести не постои лек, единствено третмани со кои им се олеснува животот. Би сакала да учествувам во продлабочувањето на оваа тема, така што тие деца да имаат еднакво добар живот како нашиот. Се разбира, за да успеам во тоа, неопходна е љубовта кон математиката и кон другите природни науки. Овие науки комбинирани заедно прават сплет кој води кон одлични резултати и успех - категорична е средношколката.

Како ѝ се допаѓа начинот на кој ја изучуваат математиката во „Јахја Кемал“?
- Решавањето на задачите го олеснуваме слушајќи класична музика и имаме голем број часови каде што учиме низ игра. Имаме и математички клуб каде што организираме различни активности за продлабочување на знаењата. Се обрнува големо внимание кон оваа наука со цел сите да ја засакаат. Би сакала да им се заблагодарам на моите професори Реџаи Генчели и Ата Ајваџи, како и на мојата мајка Слаѓана Митреска, која исто така е професорка по математика. Тие ми овозможуваат да го надградувам моето знаење и да нижам успеси - вели Христина и додава дека веејќи го знамето на нашата држава, достојно ќе нè претставува.

Кристина Тасева: „Јахја Кемал“ обрнува големо внимание на математиката

За Кристина Тасева од Скопје, математиката е посебна наука поради начинот на размислување во секојдневието. Таа би сакала да студира софтверско инженерство во некоја од западноевропските земји - Холандија, Швајцарија, Англија или евентуално некаде во Америка.
- Многубројни ситни нешта ги гледам како мини-предизвици, односно како најбрзо или најефикасно можам да ги направам. Малите умствени вежби покрај тоа што некогаш прават да се чувствуваш исполнето што си постигнал нешто побрзо или подобро од очекуваното, знаат да бидат и многу корисни, особено ако доцниш - вели Тасева.


Кристина Тасева

Кристина е задоволна од тоа колку важно место има математиката во наставната програма во нејзиното училиште.
- Се одржуваат кампови и имаме подготовки за натпреварите. Уште повеќе, нашето училиште често е домаќин на околните натпревари, а професорите по математика се секогаш присутни, без разлика на локацијата на одржување. Меѓутоа, доста клучно е и разбирањето што го имаат другите професори кога е периодот на зачестени натпревари, како и помошта што ние, учениците, си ја даваме - вели Кристина.

Јасна Илиева: Задоволство ми е да се задлабочам во некој проблем

Математиката е универзален јазик кој фасцинира и не знае за граници. Таа ја развива човековата способност за логичко размислување и расудување. Ми претставува задоволство да се задлабочам во некој математички проблем, а натпреварите со своите предизвикувачки задачи се одлична можност за тоа - вели Јасна Илиева, ученичка во втора година.

Јасна Илиева

Иако сè уште не одлучила каде сака да го продолжи образованието, признава дека нејзиното идно занимање ќе биде во областа на природните науки и математиката.
- Ми се допаѓа како професорите нѐ поттикнуваат да научиме повеќе и ни даваат голема поддршка кога станува збор за натпреварите по математика. Иако регуларната настава тематски е поразлична од она што најчесто е застапено на ваквите олимпијади, училиштето организира подготвителни часови и кампови за тие што се натпреваруваат - вели Илиева и додава дека ЕГМО е голем предизвик и дека ќе даде сè од себе за добар пласман.



Фото: Борче Поповски