Наутот би можел да стане првата храна одгледувана на Месечината

Наутот би можел да стане првата храна одгледувана на Месечината

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека НАСА се подготвува за мисијата „Артемис II“ чија цел е истражување на Месечината, научниците размислуваат за практичен предизвик - што ќе јадат идните астронаути. Ново истражување од Универзитетот „Тексас“ посочува дека наутот би можел да биде дел од одговорот.

Во неодамнешен експеримент научниците успешно одгледувале и собирале наут користејќи симулирана „месечева земја“. Ова е првпат културата да се произведува во материјал дизајниран да ја имитира почвата на Месечината.

Сара Сантос, главен истражувач на проектот, вели дека резултатите претставуваат важен чекор кон разбирање на тоа како културите би можеле да се одгледуваат на површината на Месечината.

- Истражувањето е насочено кон разбирање на одржливоста на одгледувањето култури на Месечината. Како да го трансформираме овој реголит во почва? - истакна Сантос.

Предизвици за одгледување растенија во Месечева почва

Месечевиот реголит е научно име за прашливиот материјал што ја покрива површината на Месечината. За разлика од почвата на Земјата, тој не содржи микроорганизми или органска материја за да можат растенијата да растат. Иако реголитот содржи минерали и хранливи материи што растенијата можат да ги користат, тој исто така содржи тешки метали што можат да им наштетат. За да тестираат дали културите можат да растат во овие услови, истражувачите користеле почва произведена од „Егзолит лабс“. Оваа мешавина е слична на составот на примероците од Месечината донесени за време на мисиите „Аполо“.

Создавање подобра почва со компост од црви

За да се подобри средината за одгледување, тимот ја измешал симулираната почва со таканаречен „вермикомпост“. Овој материјал богат со хранливи материи е создаден од црвени црви додека го варат органскиот отпад. Вермикомпостот содржи вредни растителни хранливи материи и разновиден микробиом што го поддржува здравјето на растенијата. Во услови на вселенска мисија, црвите би можеле да генерираат компост од остатоци од храна или памучна облека и хигиенски производи што инаку се фрлиле.

Пред садењето, истражувачите ги премачкале семките од наут со арбускуларни микоризи. Овие габи формираат симбиотски однос со растенијата. Тие им помагаат на растенијата да апсорбираат клучни хранливи материи, а воедно го намалуваат количеството на тешки метали што се апсорбираат од почвата.

Наутот расте во симулирана почва


Сантос и нејзиниот тим го засадиле наутот во различни мешавини од земја и вермикомпост. Резултатите покажале дека растенијата можат успешно да растат во мешавини што содржат до 75 % симулирана „месечева земја“. Кога количината на земјата се зголемила над тоа ниво, растенијата доживеале стрес и овенале. Дури и во тешки услови, растенијата третирани со габи преживеале подолго. Ова го истакнува значењето на габите за поддршка на растот на растенијата. 

Научниците треба да утврдат дали растенијата апсорбираат штетни метали од почвата и дали наутот ги обезбедува хранливите материи што им се потребни на астронаутите.

Извор: sciencedaily.com

Фото: Freepik