Радиото „Судниот ден“ испрати нови кодирани пораки што ги збунија радиоаматерите низ светот

Радиото „Судниот ден“ испрати нови кодирани пораки што ги збунија радиоаматерите низ светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Радиостаница позната меѓу радиоаматерите како „УВБ-76“, или радиото „Судниот ден“, неодамна емитувала низа нови кодирани пораки, јавува Телеграм-каналот УВБ-76 логи, кој го следи нејзиниот сигнал.

Според извештаите, станицата во 12:45 часот по московско време го прекинала вообичаениот монотон шум и во етер испратила зборови како „грешни“, „пустош“, како и други шифрирани пораки проследени со нејасни кодни секвенции, пренесуваат руски медиуми. Потоа, во 13:23 часот бил емитуван и зборот „апстракција“, кој веќе бил слушнат еден ден претходно.

Потоа УВБ-76 ги повтори зборовите „блицоцидер“ и „виорење“, кои радиоаматерите ги снимиле уште на 11 февруари. Емитувањето завршило во 14:05 часот со нова порака - зборот „касарна“. Некои од емитуваните пораки веќе се слушнале претходно, што може да укажува на нивно посебно значење или на повторувачки код.

Ова е продолжение на низата необични преноси. Претходниот ден станицата емитувала зборови како „чад“, „апстракција“ и „бухозуд“, што повторно им го привлече вниманието на радиоаматерите низ светот.

Радиото „УВБ-76“ е краткобранова воена станица која од 1976 година континуирано емитува карактеристично „зуење“ на фреквенција од 4625 kHz. Повремено сигналот се прекинува за да се прочитаат таканаречени гласовни кодирани пораки чие значење и намена никогаш официјално не биле објаснети, иако медиумите редовно ги следат и шпекулираат за нивното значење.

Поради недостигот на официјални информации за целта на овие емитувања, „УВБ-76“ со години е предмет на теории на заговор и ужива култен статус меѓу радиоаматерите низ светот.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik