Кози што го воодушевија светот - научниците не сфаќаат како успеале да преживеат без пивка вода
На изолиран остров без извори на слатка вода живеат необични кози. Научниците се обидуваат да откријат како е тоа можно бидејќи повеќето животни во такви услови би умреле за неколку дена.
Истражувањата се насочени кон природен феномен на оддалечениот вулкански остров Санта Барбара во Бразил. Тамошното стадо кози не само што опстанало, туку и успешно се размножувало повеќе од два века, и покрај фактот што на целиот остров не постои ниту еден извор на пивка вода.
Овој случај би можел значително да го промени нашето сфаќање за границите на приспособливост на живите суштества во екстремни климатски услови.
Се претпоставува дека козите на архипелагот Аброљос, кој се наоѓа на околу 70 километри од бразилскиот брег, ги донеле колонизаторите како извор на храна. Кога луѓето го напуштиле островот, животните останале сами во суровата средина.
Додека повеќето животински видови брзо би изумреле во такви услови, овие кози опстојуваат со децении. Научниците кои со години го набљудуваат островот издвојуваат еден зачудувачки детал – никогаш не виделе ниту една коза да пие вода.
Дали научиле да пијат морска вода?
Постојат две главни теории за овој феномен. Една група на експерти смета дека козите се приспособиле да пијат морска вода, што е процес кој за повеќето цицачи е погубен.
Втората теорија укажува на тоа дека животните ја добиваат потребната течност од растението кое доминира на островот и во себе задржува големи количини влага. Станува збор за растение што расте и на Медитеранот, познато како тушт или толчница.
-Веруваме дека развиле механизми за преживување кои допрва треба да ги разбереме - изјави директорот на Националниот морски парк Аброљос, Ерисмар Роша.
Можно решение за иднината на сточарството
Последните 27 кози неодамна беа преместени од островот бидејќи ја нарушуваа еколошката рамнотежа и ги загрозуваа ретките видови птици. Научниците сега планираат детални истражувања на нивната генетика и имунолошки систем.
Овој своевиден „супервид“ би можел да биде клуч за развој на нови раси стока кои би можеле да опстанат во најсушните делови на светот и полесно да се соочат со предизвиците што ги носи глобалното затоплување.
Фото: freepik