Синот на претседателот на Уганда бара од Турција милијарда долари и брак со најубавата жена
Шефот на одбраната на Уганда и син на претседателот на земјата, Мухузи Кајнеругаба, побарал од Турција милијарда долари и брак со „најубавата жена во Турција“, како надомест за, како што тврди, придонесот на неговата земја кон безбедноста во регионот.
Кајнеругаба, во серија објави на социјалната мрежа „Х“, се заканил дека Уганда во рок од 30 дена ќе ги прекине дипломатските односи и ќе ја затвори турската амбасада во главниот град Кампала доколку неговите барања не бидат исполнети.
Во своите објави, тој тврдел дека Турција има значителна корист од деловни и инфраструктурни проекти во Сомалија, вклучувајќи ги пристаништата и аеродромите во Могадишу, додека Уганда, според него, со години го носи главниот безбедносен товар.
Тој истакнал дека Уганда треба да добие милијарда долари како безбедносна дивиденда, со предупредување дека во спротивно ќе биде затворена турската амбасада.
Во истите објави, Кајнеругаба изнел и контроверзно барање: Турција да му ја „даде најубавата жена во земјата“ за да се ожени со неа.
Истовремено, тој нагласил дека односите меѓу Уганда и Турција не треба да се сведат на „игри на социјалните мрежи“, но и најавил можност за брз прекин на дипломатските врски.
Ова не е првпат Кајнеругаба да ѝ го привлече вниманието на јавноста со необични изјави. Во 2022 година тој понудил 100 крави за брак со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube/UBC Televizija Uganda