Матурантите ќе добијат документ за завршено образование со кој ќе може да се запишат и во странство

Матурантите ќе добијат документ за завршено образование со кој ќе може да се запишат и во странство

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Состојбата со коронавирусот не е специфична само за нашата држава, туку е актуелна глобално. Различни држави се одлучија за различни начини на регулирање на прашањето за полагање на матурата во услови на епидемијата, објаснува Александар Колекески, аналитичар на образовни политики 

Укинувањето на полагањето на државнaта матура ги загрижи родителите на матурантите што сакаат да се запишат во странство. Дали нивните деца ќе имаат проблеми при уписите на странски универзитети? Ова е едно од прашањата што се отворија во изминатиот период.

Министерството за образование и наука смирува дека нема простор да се бара проблем затоа што „дипломите за завршено средно образование за учениците што пријавиле да полагаат училишна или државна матура или завршен испит во оваа учебна 2019/2020 година ќе имаат идентична важност како и дипломите издадени во изминатите години и тоа ќе биде наведено во нив, без разлика што оваа година полагањето на крајниот испит нема да се реализира“.

- Од друга страна, сите високообразовни установи како во нашата земја така и во глобални размери веќе ги приспособуваат уписните критериуми и услови согласно настанатата ситуација, односно пандемијата која предизвика застој, прекинување, одложување и модифицирање на многу вообичаени практики, процеси и активности не само во областа на образованието, туку и во сите други општествени сегменти. Така што, учениците што оваа година се пријавиле, а нема да полагаат државна матура не треба да се грижат дека ќе бидат во подредена ситуација доколку одлучат да студираат во странство во споредба со студентите од други земји - смируваат од МОН.

Според Александар Колекески, аналитичар на образовни политики, матурантите што сакаат да го продолжат образованието во странство не треба да се грижат затоа што дипломата за завршено средно образование е валиден документ за упис надвор.

- Со Уредбата што Владата ја донесе на 5 мај на учениците од завршните години на образованието во учебната 2019/2020, во роковите утврдени со подзаконски акти, училиштето им издава диплома за завршено средно образование која се издава само за оваа учебна година, а која има иста важност како и дипломата за положена државна матура. Состојбата со коронавирусот не е специфична само за нашата држава, туку е актуелна глобално. Различни држави се одлучија за различни начини на регулирање на прашањето за полагање на матурата во услови на епидемијата. Во секој случај, дипломата за завршено средно образование во учебната 2019/2020, со четиригодишно траење, овозможува упис на нашите ученици на универзитетите во странство - категоричен е Колекески.

И директори на средни школи не очекуваат дека некој од нивните ученици би имал пречка да се запише каде што сака без да полага матура. Драган Арсовски, директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, очекува дeка и универзитетите низ светот ќе имаат разбирање.

- Доколку некаде се јави проблем, сметам дека МОН ќе реагира за секој ученик посебно. На матурантите мора да им се даде диплома за заокружување на средното образование, а не само свидетелства. Тогаш сметам дека нема да се јави некој посебен проблем кој би бил нерешлив - вели Арсовски.

Кога станува збор за државна одлука, каде и да се запишат во светот, треба да бидат прифатени условите на земјата каде што завршиле учениците, вели Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“ од Скопје.  

- Мислам дека универзитетите ќе имаат разбирање, учениците нека бидат порелаксирани. Апел од мене и од професорите е да им се излезе во пресрет на матурантите и да им се помогне во секоја тешкотија на која ќе наидат - вели Димовски.