Дали бракот станува демоде? Во пресрет на Меѓународниот ден на семејството, со проф. д-р Ирена Авировиќ-Бундалевска

Дали бракот станува демоде? Во пресрет на Меѓународниот ден на семејството, со проф. д-р Ирена Авировиќ-Бундалевска

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Родителството во 21 век се чини како еден од најголемите предизвици, особено во отсуство на помошта од бабите и дедовците за грижа на децата, роднини за зголемена социјализација и интеракција и други блиски кои во минатото имаа улога во одгледувањето на децата и поддршката на семејствата

Родителството во 21 век се чини како еден од најголемите предизвици на современите семејства, особено во отсуство на помошта од најблиските, најчесто од бабите и дедовците. Во пресрет на 15 Мај, Меѓународниот ден на семејството, проф. д-р Ирена Авировиќ-Бундалевска (вонреден професор), раководителка на Институтот за семејни студии на Филозофскиот факултет – Скопје, во интервју за Факултети.мк вели дека предизвиците на денешното семејство се поголеми и повеќеслојни за разлика од минатото. Стапката на разводи, бројката на намален наталитет се само дел од причините поради кои смета дека се потребни нови државни политики со кои ќе се подобруваат условите на младите за живот. На 15 мај студентите од Институтот за семејни студии ќе бидат во Градскиот парк од 12 часот каде што ќе делат летоци, балони и пораки за семејството, ќе се дружат со најмладите, ќе цртаат заедно итн.

- Дополнително, на 16 мај ќе имаме промоција на списанието на студентите од семејни студии- „Вокс“, кое се издава четврта година по ред како онлајн издание. Морам да истакнам дека студентите секогаш учествуваат на овие настани волонтерски, што ми претставува големо задоволство, а најголема поддршка добиваме од Филозофскиот факултет, кој минатата година ја прослави својата 100-годишнина од постоењето и навистина сме горди што сме дел од најстарата високообразовна установа во Македонија - посочува професорката Ирена Авировиќ-Бундалевска.

На 15 Мај се одбележува Меѓународниот ден на семејството. Како Институтот за семејни студии, како единствена образовна институција насочена кон оваа проблематика, го одбележува овој ден?

- Меѓународниот ден на семејството има посебно значење за Институтот за семејни студии. Можеби бевме првите што почнаа да го одбележуваат овој ден во државата. Денес го одбележуваат повеќе институции и организации, за што ни е навистина многу мило. Обединетите нации во 1993 година го прогласија 15 Мај за Меѓународен ден на семејството со цел да ја зголеми свеста за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат семејствата низ светот. Секоја година Денот на семејството има и посебна тема, која е одраз на актуелните предизвици на семејствата низ светот. Годинава темата е „Семејствата и урбанизацијата“, која е тесно поврзана со создавањето инклузивни, безбедни и одржливи населби и градови, искоренувањето на сиромаштијата, како и намалување на нееднаквоста во и меѓу земјите во светот. Институтот за семејни студии има организирано хуманитарни базари за собирање средства за социјално ранливи семејства или специјализирани институции кои работат со деца, научни трибини и дебати, онлајн кампањи за подигнување на свеста за важноста на семејството, промоција на студентско списание итн.
Секоја година, покрај професорите, активно учествуваат и студентите, кои оваа година изразија желба самостојно да организираат настан за Меѓународниот ден на семејството.

Семејството претрпе значителни трансформации



Со какви проблеми се соочуваат семејствата во Македонија денес?


- Во Македонија и во светот семејствата се соочуваат со многу предизвици. Во изминатите децении семејството претрпе значителни трансформации кои се рефлектираат врз сите модели на семејства, без разлика на нивната структура и форма, почнувајќи од традиционалното семејство, па сè до еднородителските семејства, реконструираните семејства, згрижувачките семејства, семејствата со член со посебни потреби, брачните и вонбрачните заедници итн. Искрено, тешка задача е да се сублимираат и генерализираат проблемите и предизвиците на семејствата, без детално да се осврнеме на секој модел на семејство. Дотолку повеќе што проблемите ги засегаат и функционалните и дисфункционалните семејства. Сепак, сметам дека една од најголемите промени со кои се соочи модерното нуклеарно семејство е отсуството на системот на поддршка кој во минатото го обезбедуваше проширеното семејство, но и самата заедница. Изолираното современото семејство живее динамичен живот и не може да се соочи самостојно со сите предизвици. Родителството во 21 век се чини како еден од најголемите предизвици на современите семејства, особено во отсуство на помошта од бабите и дедовците за грижа на децата, роднини, за зголемена социјализација и интеракција, и други блиски роднини кои во минатото имаа улога во одгледувањето на децата и поддршката на семејствата.Конечно, постојат уште многу проблеми со кои се соочуваат семејствата во Македонија, меѓу кои се: недоволна финансиска и институционална помош за семејствата со член со посебни потреби, недоволна поддршка за грижа на стари и болни лица, недоволна финансиска поддршка за еднородителски семејства, отсуство на систем за поддршка на жртви на семејно насилство, отсуство на психолошка поддршка на семејства кои се соочуваат со развод, сериозна болест на член на семејството или загуба на член на семејството итн.


Децата од сиромашните семејства се поизложени на насилство

Покрај горенаведените проблеми, сметам дека во Македонија многу семејства се засегнати со проблемот на сиромаштијата. Според извештајот на УНИЦЕФ од 2019 година, една третина од македонските граѓани се сиромашни, односно 30,4 % од населението или 100.000 деца живеат под прагот на сиромаштијата, додека едно од четири деца во нашата земја се соочува со развојни предизвици како резултат на изложеноста на сиромаштијата. Дополнително, децата од сиромашните семејства се поизложени на насилни форми на дисциплинирање и дискриминација. Како последен проблем кој не е само семеен, туку го засега и општеството, би го издвоила меѓуврсничкото насилство, за кое малку се зборува, а уште помалку се дејствува. Иако, како феномен, меѓуврсничкото насилство не е воопшто нов, денес, под влијание на социјалните мрежи, е многу брутално и остава физички и психички последици врз жртвите, но и врз насилниците. Кога станува збор за меѓуврсничко насилство, прстот е најчесто вперен кон родителите на насилниците или, пак, образовните установи. Но, за решавање на овие проблеми потребна е соработка меѓу родителите и на жртвите и на насилниците, образовните установи и пошироката заедница, како и креирање и спроведување соодветни програми за децата, родителите и образовниот кадар.

Иако македонското општество во основа е традиционално, свртено кон семејните вредности, статистиката покажува дека европските трендови стануваат сѐ поприсутни. Колку глобалните трендови во однос на бракот и семејството се рефлектираат врз нашето општество?

- Општествените промени од втората половина на 20 век, како што се глобализацијата, секуларизацијата, ширењето и прифаќањето на феминистичките идеи, економската еманципација на жената, индивидуализацијата и други социјални процеси, влијаат врз промената на структурата на семејството, бракот, разводот, наталитетот итн.
Се согласувам дека Македонија ги следи европските трендови кога станува збор за бракот и семејството, но со умерена брзина. Бројот на бракови е во постојан пад, додека оној на разводи е во постојан пораст. Според Државниот завод за статистика, бројот на бракови во 2009 година изнесувал 14.923, додека десет години подоцна се намалил на 13.813. Во истиот период (2009-2019) бројот на разводи се зголемил од 1.287 на 1.990 разводи годишно. Понатаму, вонбрачната заедница, за која немаме доволно статистички податоци, како модел на семејство е сè почесто застапена во нашето општество, особено во урбаните средини, иако сè уште не го има приматот наспроти брачната заедница, која во македонското општество е доминантна.
Низ историјата, општеството и семејството биле во постојана и заемна интеракција и влијание. Промените на семејството се директно поврзани со еволуцијата на економските системи, политичките идеологии и развојот на културите. На некои промени им се потребни децении за да бидат прифатени, на други дури и векови, но неоспорно е дека промените се неизбежни.


Проф. Ирена Авировиќ-Бундалевска

Пред две години Македонија влезе во негативен природен прираст. Но, во меѓувреме почна и корона-кризата. Според анализите на Институтот за семејни студии, дали во следните години се очекува пад на склучувањето бракови во земјата, како и на наталитетот, што ќе се рефлектира и врз демографската слика на земјата? Ќе се зголеми ли бројот на разводи на долг рок?

- Да, токму така. Во 2020 година наталитетот во Македонија се намали за 4,1% во споредба со претходната година, а во 2019 година за 7 % во споредба со 2018 година. И овој тренд ги отсликува состојбите во Европа, која е меѓу континентите со највисока стапка на старо население во светот. Во Македонија дополнително се соочуваме со децениско иселување на млади лица кои потоа основаат свои семејства и се реализираат како родители во странство. Токму последниот попис ни докажува дека населението во Македонија е значително намалено, а голем е бројот на општини во кои е намален бројот на првачиња, поради горенаведените причини. Како што напоменав претходно, бројот на бракови опаѓа, бројот на разводи расте и наталитетот во нашата земја се намалува, но засега тоа не се случува со галопирачки интензитет, при што сметаме дека со креирање соодветни политики овие процеси може да се забават. Би ги издвоила следниве предлози од нашиот Институт како можни решенија или насоки: подобрување на условите за вработување, креирање јавни стратегии за населението, национална стратегија за поддршка на семејството, воведување семејно образование, подобрување на системот за рано детско образование, воведување курсеви за брачна и родителска едукација за млади парови, различни пакети породилно отсуство, скратено работно време и општо подобрување на постојните стратегии за пристап на жените на пазарот на труд.

Дали бракот веќе станува демоде?

- Бракот во минатото имал три главни функции, да ги регулира сексуалните односи, прокреацијата и наследството на семејството. Денес, сексуалните односи пред бракот се генерално општо прифатени, а за утврдување на легитимноста на децата имаме ДНК-анализи со кои многу лесно се докажува татковството кога веќе станува збор за наследството. Но, и покрај тоа што бракот ги губи овие свои функции, луѓето продолжуваат да го склучуваат. Сметам дека генерално во потсвеста на луѓето брачната заедница сè уште се перципира како поцврста или посериозна од вонбрачната заедница. Иако законски се во голема мера изедначени, партнерите во брачната заедница имаат повеќе права во однос на вонбрачната, на пример, во случај на болест или смрт на еден од партнерите, наследството итн. Во Македонија младите често склучуваат брак и поради притисокот од родителите или од заедницата. Конечно, сметам дека многумина сакаат и веруваат во концептот на среќен брак и токму поради тоа тој опстанува и ден-денес, и покрај сите општествени промени.

Дали тука може да се бара причината за стапување во брак на повозрасни?

- Причината за стапување во брак во повозрасни години е тесно поврзана со еманципацијата на жената, нејзиното влегување на пазарот на трудот и излегување од традиционалната улога на домаќинка. Јас ѝ припаѓам на генерација која ги одложуваше бракот и родителството токму поради овие причини: образование и кариера. Денес, кај нас забележувам еден тренд на стапување во брак и формирање семејство на помлади години, иако планирањето семејство навистина зависи од потребите и желбите на единката и нејзиниот партнер.

Колку образовниот процес влијае врз градењето на чувството за семејството и семејните вредности?

- Ова е исклучително важно прашање бидејќи образованието е клучниот фактор во креирање здрави личности со јасна визија, како во поглед на својата идна професија така и во креирањето на семејните заедници. За жал, сведоци сме дека изминатите години образованието претрпе и сè уште трпи големи промени кои влеваат несигурност и кај родителите и кај децата во поглед на нивното образование, определување на идната професија и можностите што се тесно поврзани со пазарот на трудот. Поради овие причини, сметам дека ова е област во која не треба да се импровизира, а промените да бидат добро осмислени пред да бидат имплементирани. Сметам дека е исклучително важно во образовниот процес да се вклучи семејната едукација за партнерските врски, сексуалното образование, бракот, брачните односи, потоа стекнување комуникациски и емотивни вештини потребни во односот со партнерот и децата, како и обука за справување во кризни ситуации. Конечно, по примерот на земји како САД, Канада, Австралија и други, сметаме дека покрај постојниот стручен кадар, во сите образовни, здравствени и социјални институции и организации треба да се вклучи и профилот на семејни едукатори (семејнолози) кои Институтот за семејни студии веќе ги креира изминатите осум години.