ЕУ воведува единствен билет за патувања со воз: „Едно патување, еден билет“
Европската комисија денеска предложи нови правила кои би требало значително да ги олеснат прекуграничните патувања низ Европа, особено патувањата со воз.
ЕК објави три предлози кои ги поедноставуваат планирањето и резервацијата на регионалните, меѓуградските и прекуграничните патувања, особено железничките патувања кои вклучуваат повеќе превозници, и обезбедуваат подобра заштита на патниците во текот на целото патување.
- Европејците ќе можат со еден клик да ги планираат, споредуваат и купуваат билетите за повеќе видови превоз - изјави комесарот за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас.
Моментално, споредувањето на сите достапни опции за патување и идентификувањето на најодржливите избори, особено за прекуграничните патувања, е тешко за патниците во ЕУ, особено кога станува збор за железничките билети. Многу патници наидуваат на проблем при комбинирање различни превозни услуги. Резервациите на повеќекратни патувања со воз кои вклучуваат билети од различни компании се многу комплицирани, главно поради различните системи за резервација и силното пазарно присуство на одредени железнички оператори.
- Пронаоѓањето на најдобрата маршрута може да биде тешко, а споредувањето на цените фрустрирачко. Резервацијата на прекуграничните патувања е премногу комплицирана, а правата на патниците во случај на пропуштени врски се нејасни. Накратко, Европа има многу добра железничка инфраструктура, но сè уште го немаме беспрекорното искуство за патниците - рече Цицикостас, додавајќи дека овие предлози би требало да го променат тоа.
„Едно патување, еден билет“
Комисијата предлага мерки за воспоставување систем за купување единствени билети за патувања со повеќе железнички превозници по принципот „едно патување, еден билет“. Патниците ќе можат да најдат, споредат и да купат еден билет со една трансакција, и тоа на платформа по сопствен избор. Во случај на проблеми во текот на патувањата, на пример, ако патниците пропуштат една од врските, Комисијата предвидува и подобрена заштита на потрошувачите - преку пронаоѓање алтернативни врски или исплата на отштета, односно враќање на парите.
За конечниот облик на трите уредби што ги предложи Комисијата ќе одлучуваат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Фото: freepik