Производителот на „Милка“ продавал помали чоколади во исто пакување, пресуди германскиот суд
Производителот на „Милка“, американската компанија „Монделез интернешнл“, е обвинет дека ги довел потрошувачите во заблуда со намалување на тежината на чоколадото „Алпско млеко“ од 100 на 90 грама, без значително да го промени препознатливото виолетово пакување.
Многу љубители на чоколадо го сметаат скриеното намалување на производот за вистинско „злосторство“, а сега добија и судска потврда за тоа, откако германски суд пресуди дека производителот на
„Милка“ ги измамувал купувачите со намалување на големината на чоколадото, додека пакувањето останало речиси исто.
Тужбата ја покренала канцеларијата за заштита на потрошувачи од Хамбург пред регионален суд во Бремен. Според обвинението, компанијата ја намалила тежината на класичната табла „Милка алпенмилх“, а истовремено ја зголемила цената од 1,49 на 1,99 евра.
По промените минатата година, чоколадото било потенко, што дополнително ги налутило купувачите.
„Шринкфлацијата“ - практика при која производите се намалуваат, а цените остануваат исти или растат, стана сè почеста поради растечките трошоци за производство и суровини.
Причина за поскапувањето на чоколадото се и слабите жетви во западна Африка, особено во Гана и Брегот на Слоновата Коска, од каде доаѓа повеќе од половина од светското производство на какао.
Од „Монделез интернешнл“ велат дека германските потрошувачи биле информирани за промените преку веб-страницата и социјалните мрежи на компанијата. Но, според анкета, Германците ја прогласиле „Милка Алпенмилх“ за „измамничко пакување за 2025 година“.
Ова не е првпат компанијата да се соочи со критики. Во 2016 година, „Тоблероне“ предизвика негодување кога ги зголеми празнините меѓу препознатливите триаголни парчиња наместо да ја зголеми цената. Две години подоцна, компанијата се врати на оригиналниот изглед.
Судот пресудил дека на пакувањето морало јасно да биде наведено дека производот е намален, и тоа најмалку четири месеци, за потрошувачите да можат навреме да ја забележат промената.
Пресудата сè уште не е конечна. „Монделез интернешнл“ има рок од еден месец за жалба, а од компанијата соопштиле дека детално ја разгледуваат одлуката на судот.
Извор:
The Guardian
Фото:
Instagram