Исчезнува африканското „дрво на животот“, заштитниот знак на секоја савана

Исчезнува африканското „дрво на животот“, заштитниот знак на секоја савана

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поголемиот дел од најстарите баобаб дрвја во Африка се исушиле делумно или целосно во последните десет години, предупредуваат експертите и таа појава ја припишуваат на климатските промени.

- Неверојатно е тоа што во текот на нашиот живот гледаме како исчезнуваат толку стебла стари илјада години - вели Адријан Патрут од Универзитетот „Бабеш-Бољају“ во Романија, коавтор на истражувањето.

drvja
Фото: iStock


- Во втората половина на 19 век големите баобаб дрвја во Јужна Африка почнале да се сушат, но во последните 10-15 години оваа појава значително се проширила поради високите температури и сушите - додава научникот.

Баобаб дрвјата се стари помеѓу 1.100 и 2.500 години, имаат големо стебло и гранки слични на корен што се издигнуваат кон небото. Тие се заштитен знак за секоја савана, видлив од километарска оддалеченост.

Но во последните 12 години, 9 од 13 најстари баобаб дрвја се делумно или целосно исушени.

- Статистички, практично е невозможно толкав голем број големи стари баобаб дрвја да умрат од природна причина во толку краток временски период - вели Патрут.

- Се сомневаме дека изумирањето на овие дрвја барем делумно е поврзано со значајните модификации на климатските услови, што особено влијаат врз Јужна Африка. Сепак, потребни се понатамошни истражувања за да се поддржи или побие ова сомневање - велат научниците.

Доколку климатските промени се виновникот, ова е најновиот доказ за тоа како нашата безгрижна зависност од јаглерод ги оштетува чувствителните екосистеми околу нас на начин што може да биде неотповиклив.

- Чувствуваме дека сме ги надживеале баобаб дрвјата наместо тие да надживеат генерации луѓе - вели Патрут.