Концерт посветен на „Пинк Флојд“ најавуваат Ѓоко Танески и пријателите

Концерт посветен на „Пинк Флојд“ најавуваат Ѓоко Танески и пријателите

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Shine on your crazy diamond, Learning to fly, Hey you, Another brick in the wall и уште десетина хитови на култниот бенд „Пинк Флојд“ на 26 јули ќе одекнат во Долни Сарај. Ѓоко Танески заедно со 11-мина музичари ќе го изведе концертот NUMB Tribute to Pink Floyd.
Идејата за целиот проект е на гитаристот Анатоли Арнаудоски, кој долги години настапува со Танески.

Фото: Сашо Алушевски

- Уште од самиот почеток си ветивме една работа – доколку во некој момент од пробите почувствуваме дека нешто ни чкрипи и не ни се допаѓа како изгледа или звучи, ќе се откажеме од проектот. Во зависност од интересот, ќе закажеме уште концерти во Охрид. Се мислевме дали да го направиме на Антички театар, ама си рековме дека тоа можеби е преголем залак, па не сакавме да ризикуваме – вели Ѓоко и додава дека одговорноста е голема кога се работи музика што е светски призната.

Негова омилена песна од „Пинк Флојд“ е Hey You. Во тимот на Танески се: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас-гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ-Павловска како придружни вокали.
За визуелниот дел на концертот, нешто што е препознатлив знак на настапите на култната британска група, ќе се погрижи „ДВД 5 продукција“.