Постои невидлива линија што животните не ја преминуваат, еве зошто
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Животинските светови на Азија и Австралија се целосно различни, а меѓу нив постои една невидлива линија што ги раздвојува двата соседни континента.
Поголемиот дел од животните никогаш не ја преминуваат оваа имагинарна граница, а тоа важи дури и за птиците. И така е веќе десетици милиони години, обликувајќи ја еволуцијата на животните на секоја страна на сосема поинаков начин.
Сè започнало пред околу 30 милиони години кога австралиската тектонска плоча се судрила со евроазиската, создавајќи архипелаг, пренасочувајќи ги океанските струи и менувајќи ги регионалните клими.

Фото: Wikimedia Commons
Од едната страна на мапата, во Индонезија и Малезија еволуирале мајмуни, човеколики мајмуни, слонови, тигри и носорози, додека од другата страна, во Нова Гвинеја и Австралија доминираат торбари, едноотворни, глодачи и какадуа. Многу малку видови се распространети на двете страни.
Оваа необична граница меѓу животинските светови е наречена Линијата на Волас именувана по научникот Алфред Расел Волас, кој прв го забележал драстичниот контраст во животинскиот свет (особено кај цицачите) додека ја истражувал оваа област во средината на 19 век.
- Можеме да сметаме дека теснецот Ломбок [меѓу Бали и Ломбок], широк само 24 километри, ја означува границата и нагло ги раздвојува двата големи зоолошки региона на светот - напишал Волас.
Подоцна Волас независно ја развил и својата сопствена теорија за еволуција, во исто време кога тоа го правел и Чарлс Дарвин. Линијата што ја нацртал на мапа пред повеќе од еден век и денес се смета за хипотетичка еволутивна бариера, иако сè уште се водат дебати околу нејзината точна локација и механизмите што стојат зад неа.
Воопшто земено, Линијата на Волас го раздвојува континенталниот гребен на Азија од тој на австралиската тектонска плоча. Таа е геолошка линија, но истовремено и климатска и биолошка.
Длабоки океански канали, како теснецот Ломбок, ги раздвојуваат овие гребени, што им отежнува на животните да ја преминат границата. Дури и во времињата кога нивото на морето било значително пониско од денешното би постоела оваа бездна.
Иако најочигледна е кај цицачите во Азија и Австралија, линијата на Волас важи и за птици, влечуги и други животни.
Дури и птиците ретко ја преминуваат линијата, а во океанот, одредени видови риби и микроорганизми покажуваат генетски разлики од двете страни на границата, што укажува на многу мала меѓусебна интеракција меѓу популациите.
Научниците сè уште не откриле кои се тие невидливи пречки што ги спречуваат овие видови. Сепак, живеалиштето и климата најверојатно се главни фактори што ја продлабочуваат еволутивната поделба.
Животинскиот свет на австралискиот континентален гребен еволуирал во многу посуви услови, што ги насочило по сосема различен еволутивен пат.
Колку повеќе истражуваат научниците, толку е потешко прецизно да се одреди каде точно поминува Линијата на Волас и колку таа е „пропустлива“, барем за некои видови што умеат да пливаат или да летаат, како што се лилјаци, бубачки или макаки мајмуни.
Поделбата што ја направил Волас не претставува цврста граница, туку повеќе постепен премин, велат научниците. Но, и покрај тоа, оваа нејасна линија ни помага подобро да ја разбереме еволуцијата на илјадници животински видови.
Она што започнало како една едноставна, приближно нацртана линија пред повеќе од сто години, денес помага да го разбереме поширокиот и покомплексен мозаик на природниот свет и неговите тајни.
Извор:
Science Alert
Фото: Screenshot/YouTube