Изготвени најдеталните мапи од Плутон и неговата месечина Харон

Изготвени најдеталните мапи од Плутон и неговата месечина Харон

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Преку прецизно спојување на фотографии направени од две камери, поставени на вселенскиот брод „Нови хоризонти“, научници ги изготвија најточните мапи на Плутон и Харон. И претходно сме виделе мапи од нив, но овие го претставуваат нашето најдобро моментално разбирање на карактеристиките на површината и топологијата на овие далечни објекти од Кајперовиот појас.

Кога „Нови хоризонти“ прелета во близина на Плутон и Харон на 14 јули 2015 година, набрзина направи неколку фотографии со двете камери што беа прикачени на него. Тим од истражувачи предводен од Пол Шенк од Месечевиот и планетарен институт ги состави овие фотографии за да создаде мозаик од овие далечни светови.

Фото: Gizmodo

Истражувачите ги составувале фотографиите како да се дел од една огромна сложувалка, а за изработка на делото биле потребни две години бидејќи податоците од „Нови хоризонти“ бавно стигаат на Земјата. Шенк објасни дека одвреме-навреме добивале по три-четири фотографии и затоа било потребно толку долго време.

Тимот на Шенк направил и топографски мапи од Плутон и Харон, а тоа било направено преку анализа на стерео- фотографиите направени со двете камери.

Новата глобална мапа на Плутон
Фото: Gizmodo

- Најмногу ме импресионираа разноликите обележја на Плутон и Харон. Видовме нешта за кои немавме идеја дека ги има таму - како планини високи шест километри и терен кој изгледаше дека е обликуван од глечери. Овие обележја многу нѐ потсетуваа на Земјата - истакна Шенк.

Крајните дела, односно големите сложувалки се архивирани во Системот на податоци за планетите при НАСА и наскоро ќе бидат достапни за јавноста.

Најважно е дека овие мапи се само делумно завршени. „Нови хоризонти“ успеа да фотографира само околу три четвртини од површината на Плутон и Харон. Голем дел сѐ уште е мистерија.