Откриена подземна вода стара 1,2 милијарда години

Откриена подземна вода стара 1,2 милијарда години

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓународен тим од истражувачи открил подземна вода стара 1,2 милијарда години на длабочина од 2,9 километри под површината на Земјата.

Откритието било направено во рудник за ураниум и злато во Јужноафриканската Република. Тоа би можело да им помогне на научниците подобро да разберат како се создаваат водородот и хелиумот длабоко во Земјата и да научат повеќе за начинот на кој животот опстојува во најдлабоките точки на планетата.

Еден од научниците го опишал откритието како Пандорина кутија за производство на хелиум и водорот. Откритието им овозможило на научниците да го анализираат процесот на создавање хелиум и водород длабоко во внатрешноста на планетата.

- Првпат имаме увид во тоа како енергијата складирана длабоко под површината на Земјата може да се ослободи и пошироко да се пренесува низ нејзината кора со текот на времето - изјавил Оливер Вор, главен автор на истражувањето во кое се опишува откритието.

Истражувачите велат дека нивното истражување е витално за да се разбере улогата на процесите во опстојувањето на микробниот живот, особено затоа што слични процеси може да се случуваат на далечни планети со слични елементарни состави.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay