Бактерии од напуштен рудник за ураниум ја чистат радиоактивната вода - ново откритие на микробиолозите
Еден од најголемите светски рудници за ураниум во Германија со години претставуваше еколошки проблем. Но, во контаминираната вода која во меѓувреме го поплави рудникот научниците открија микроорганизми кои би можеле да претставуваат решение за деконтаминација бидејќи се во состојба да отстранат дури 95 отсто од радиоактивниот метал, пишува „Сајенс алерт“.
Рудникот е затворен во 1990 година по обединувањето на Германија, а оттогаш во тек се скапи и долготрајни напори за санација. По затворањето, подземниот дел од рудникот го поплави вода, која оттогаш непрекинато мора да се прочистува. Изложеноста на суров ураниум, на пример, преку пиење загадена вода, може да предизвика тешки оштетувања на здравјето на луѓето и на другите живи суштества.
Сепак, во водата богата со ураниум опстојува цел екосистем од микроорганизми. Научниците неодамна открија дека тие микроорганизми во одредени услови можат да го стабилизираат ураниумот и така да го направат помалку опасен.
Експеримент во лабораторија
Истражувањето, чии резултати се објавени во списанието „Нејчер комјуникејшнс“, го водеа микробиолози и еколози од Германија и Шпанија.
- Истражувањата на нашиот тим веќе покажаа дека бактериите можат да го искористат ураниумот растворен во вода за својот метаболизам доколку како извор на храна им е достапен глицерол. Нашата студија откри дека бактериите, кога како извор на јаглерод им се додава глицерол, можат да го претворат токсичниот растворен ураниум во стабилно хемиско соединение - објасни микробиологот Евелин Кравчик-Берш.
Нејзиниот тим ги започна експериментите со примероци од вода собрани од влезот во постројката за прочистување на рудникот.
- Сакавме да создадеме услови што е можно послични на природните за бактериската заедница која веќе живее во водата од рудникот бидејќи на длабочина од околу 2.000 метри обично има многу малку кислород или воопшто го нема - вели микробиологот Антонио Њуман-Портела.
Неочекуван хемиски процес
Кога на бактериите им додадоа глицерол, открија дека го претвораат ураниумот во петвалентна состојба. Тоа е необична оксидациска состојба која го менува начинот на кој ураниумот се врзува со другите елементи, олеснувајќи го неговото „заробување“ во стабилни минерали.
Отстранети 95 отсто од ураниумот
- По 130 дена, во примероците останаа само околу 5 отсто од ураниумот што беше растворен во водата - изјави Њуман-Портела.
Потенцијално решение за глобалниот проблем
Радиоактивната контаминација со ураниум е глобален проблем. Во Соединетите Држави, Индија, Канада, Франција, Јужна Африка и Австралија нивоата на ураниум во површинските и подземните води понекогаш ги надминувале препораките од 0,03 милиграми по литар.
Авторите на студијата истакнуваат дека биоремедијацијата, односно користењето биолошки методи за прочистување, се истражува веќе три децении како алтернатива на физичко-хемиската обработка на водата. Ваквите методи покажаа значително намалување на ураниумот без создавање секундарна, токсична тиња. Овие бактерии би можеле да станат сојузници во чистењето на нуклеарната контаминација, не само во Германија, туку и низ светот.
- Иако овие процеси произлегуваат од едно геохемиско сценарио, сметаме дека се широко применливи и на други контаминирани води - заклучуваат авторите.
Сепак, Кравчик-Берш предупредува на потребата од дополнителни истражувања.