Дали можете да препознаете лажно лице? Овие детали откриваат која фотографија е генерирана од ВИ

Дали можете да препознаете лажно лице? Овие детали откриваат која фотографија е генерирана од ВИ

Вештачката интелигенција стана толку успешна во создавањето реалистични човечки лица, што е сè потешко да се утврди дали гледаме фотографија од вистинска личност или слика што ја направила машина.

Психологот д-р Клер Садерленд од Универзитетот во Абердин и нејзините колеги од Австралија се обидоа да одговорат на едно важно прашање - дали луѓето можат да научат да препознаваат дипфејк-фотографии направени од вештачка интелигенција?

Досегашните истражувања покажуваат дека можат, но повеќе не е доволно да се бараат очигледни грешки како шести прст, необични обетки или деформирани делови од лицето. Системите на вештачката интелигенција брзо напредуваат и таквите пропусти ги прават сè поретко.

- Обуката заснована на барање визуелни грешки имаше ограничен успех, делумно затоа што вештачката интелигенција стана многу добра, но и затоа што измамниците избегнуваат фотографии со очигледни недостатоци - објасни професорката Ејми Дауел.

Таа ја води лабораторијата за емоции и лица при Австралискиот национален универзитет. 

Садерленд вели дека истражувачите, откако подолго време ги набљудувале фотографиите, почнале интуитивно да препознаваат кои лица се вистински, а кои се генерирани со помош на вештачка интелигенција.

- Помисливме дека би било многу интересно да провериме дали можеме на тоа да ги научиме и другите луѓе - рече таа.

За потребите на експериментот, направен е збир од неколку илјади лица создадени со вештачка интелигенција со помош на програмата „СтајлГАН3“, еден од најреалистичните генератори на човечки лица. Учесниците беа тестирани пред и по обуката, во текот на која вниманието им беше насочено кон шест карактеристики својствени за фотографиите од вештачка интелигенција.

Шест знаци дека лицето е направено од вештачка интелигенција

Претерана симетрија - вештачката интелигенција честопати не успева да ги репродуцира малите несовршености што ги прават човечките лица природни, како што се благо спуштен капак, нееднакви веѓи или асиметрична насмевка. Доколку лицето изгледа премногу совршено и симетрично, можно е да не е вистинско.

Просечни пропорции - многу големи носеви, истакнати уши и други впечатливи пропорции поретко се појавуваат на лицата направени од вештачка интелигенција. Генерираните лица често изгледаат складно, но и малку просечно.

Попривлечен изглед - лицата направени од вештачка интелигенција обично изгледаат попривлечно. Ова е субјективен критериум, но системите за генерирање слики често создаваат пријатни, уредени и естетски привлечни лица.

Недостиг на посебност - едно од прашањата што истражувачите им ги поставуваа на учесниците беше: дали ова лице би се издвоило во толпата? Лицата што ги генерира вештачката интелигенција честопати се приближуваат до некој замислен просек, па можат да изгледаат генерички и без карактеристични особини.

Помалку емоции - лицата од вештачка интелигенција често изгледаат помалку емотивно и изразно. Насмевката може да биде технички правилна, но без природна топлина и ситни промени што се гледаат на вистинското човечко лице.

Потешко ги помниме - генерираните лица често оставаат послаб впечаток и потешко се помнат. Токму таа безличност може да биде еден од знаците дека фотографијата не е автентична.

Вештачката интелигенција е помалку успешна во создавањето уверливи фотографии од постари луѓе, деца и луѓе кои не се со бела боја на кожата. Причината е тоа што збирките податоци на кои се обучуваат овие системи често се преполни со фотографии од млади белци.

Истражувачите им покажуваа на учесниците вистински и генерирани фотографии, а потоа им ги откриваа точните одговори. По приближно еден час обука, нивната просечна успешност пораснала од околу 40 на 80 отсто. Одредени учесници постигнале речиси стопроцентна точност.

Иронично е што човечкиот мозок во овој случај учи слично како генеративната вештачка интелигенција: колку повеќе примери гледа и колку повеќе повратни информации добива, толку станува попрецизен, дури и кога не може целосно да објасни како дошол до заклучокот.

Најсамоуверените луѓе често најмногу грешат

Претходните истражувања покажаа дека луѓето главно ја преценуваат својата способност за препознавање лица од вештачка интелигенција. Најсамоуверените учесници правеа и најмногу грешки. По обуката, тие не станаа само попрецизни, туку и посигурни во одговорите што ги даваа.

Зошто е важно да се препознае дипфејк?

Најголемата непосредна опасност е финансиската измама. Консултантската компанија „Дилојт“ проценува дека загубите од измами со помош на дипфејк-содржини од вештачка интелигенција, само во САД, до 2027 година би можеле да пораснат.

Во еден од попознатите случаи, вработен во компанија од Хонгконг им префрлил на измамниците околу 29 милиони евра по видеоповик во кој разговарал со дипфејк-верзија од својот шеф и други колеги.

Садерленд нагласува дека вештачката интелигенција не мора да се користи исклучиво за измама. Една од позитивните примени е брзото и релативно евтино создавање фотографии кои покажуваат како едно дете, исчезнато пред многу години, би можело да изгледа денес.

- Кога луѓето ја користат оваа технологија со добра намера и кога е јасно назначено дека е користена вештачка интелигенција, таа може да биде многу корисна во креативната работа - вели Садерленд.

Добрата вест е што сè уште не сме стигнале до свет во кој е сосема невозможно да се разликува вистинското од компјутерски генерираното. Лошата вест е што системите на вештачката интелигенција можеби веќе ги анализирале и научните трудови кои објаснуваат како луѓето ги препознаваат. А вештачката интелигенција продолжува да учи.

Извор: BBC
Фото: Magnific