Децата ги метат улиците пред училиште: најчистото село во Азија кое ги забрани туристите во недела

Децата ги метат улиците пред училиште: најчистото село во Азија кое ги забрани туристите во недела

На североистокот на Индија, во сојузната држава Мегалаја, се наоѓа малото село Мавлинонг за кое можеби немаше да се слушне далеку доколку пред дваесетина години не станеше популарно поради својата титула за најчисто село во Азија.

Списанието „Дискавер Индија“ го прогласи за најчисто село во Индија. Неговата практика подоцна јавно ја пофали и индискиот премиер Нарендра Моди како пример што треба да го следи остатокот од земјата.



Заедничка работа

Улици без ниту едно парче хартија, плетени корпи за отпадоци на секој чекор, грижливо уредени градини и заедница која чистотата ја смета за важен дел од секојдневниот живот го направија ова место едно од најпознатите туристички атракции во регионот.

Мавлинонг има само околу сто домаќинства и шестотини жители, а сите мештани, од децата па сè до најстарите, ревносно учествуваат во одржувањето на селото, отпадот внимателно се селектира, пластиката се користи минимално, улиците секојдневно се метат...

Жителите на Мавлинонг истакнуваат дека чистотата е дел од нивниот идентитет. Чистењето не е нешто што го прават затоа што мораат, туку е дел од нивната култура и воспитување. Освен секојдневното одржување, во сабота организираат заеднички работни акции во кои сите учествуваат во работи корисни за целото село.

Отпадот внимателно се селектира. Биоразградливиот материјал се закопува и подоцна се користи како ѓубриво, додека останатиот отпад се носи надвор од селото. Освен тоа, посебно задолжени градинари ги одржуваат јавните градини и цветни леи, поради што селото изгледа исклучително уредно.



Туристите и посетителите, покрај беспрекорно чистите улици, ги привлекуваат и спектакуларните „живи мостови“ исплетени од корења на дрвја, видиковците од бамбус и бујната природа по која е позната Мегалаја. Еднакво привлечно е и гостопримството по кое е познато селото и љубезноста со која го пречекуваат секој патник.

Необична одлука

Но, токму сè поголемиот број посетители доведе до одлука која изненади многу патници. Имено, од јануари 2026 година на еднодневните туристи им е забранет влезот во селото во недела. Одлуката ја донесе локалниот совет со цел да го заштити начинот на живот на локалното население и да ја зачува рамнотежата меѓу туризмот и заедницата.



Поголемиот дел од жителите на Мавлинонг се христијани, па недела традиционално е посветена на одење во црква, на семејството и на одмор. Но, бидејќи во последните години селото во викендите бележеше голем прилив на посетители, мештаните сè почесто мораа да се занимаваат со туристите наместо со сопствените семејни и верски обврски.

Поради тоа, тие одлучија селото да биде отворено за еднодневни посети само од понеделник до сабота. Во недела рестораните, продавниците, штандовите и јавните тоалети ќе бидат затворени, а туристичките активности ќе бидат прекинати. Исклучок има само за гостите што веќе престојуваат во локалните сместувања или кои пристигнуваат на преноќување во недела навечер.



Иако забраната за неделни посети значи помал приход од туризмот, жителите сметаат дека зачувувањето на квалитетот на животот е поважно од дополнителната заработка. Нивната одлука сè почесто се наведува како пример за одржлив туризам во кој локалната заедница поставува граници за да ја зачува сопствената традиција, мир, животна средина и идентитетот на местото.



Извор: punkufer
Фото: принскрин/јутјуб