ФИФА продава делови од теренот од финалето на Светското првенство, еве колку чини парче трева
ФИФА објави дека ќе продава делови од тревникот од стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси, каде што на 19 јули ќе се одигра финалето на Мундијалот. Цената на едно парче изнесува 450 долари.
На интернет-продавницата на ФИФА се наведува дека секој сегмент од тревникот има димензии 17,5 со 17,5 со 17,5, но не е прецизирано дали станува збор за сантиметри, инчи или милиметри. ФИФА не одговори веднаш на прашањето на новинарите за да ги појасни димензиите.
- Поседувајте автентичен дел од фудбалската историја – оригинално парче од теренот од финалето на Светското првенство 2026, трајно зачувано со УСБ-сувенир - се наведува во описот на производот.
Секој примерок би требало да содржи оригинално парче од тревникот од финалниот натпревар, потврда за автентичност и специјално дизајнирана кутија. Производот е наменет за колекционери и љубители на фудбалот.
Деловите од теренот ќе можат да бидат испорачани само на адреси во Соединетите Американски Држави и Европа, а испраќањето ќе започне дури по финалниот натпревар.
Одлуката на ФИФА доаѓа во момент кога организаторите веќе трпат критики поради исклучително високите цени на влезниците. Регуларните влезници за финалето се продаваат по цени до 32.970 долари, додека пакетите со храна и пијалак чинат и до 34.500 долари.
Играчите и тренерите претходно го критикуваа квалитетот на теренот на стадионот „Метлајф“, кој инаку се користи за натпревари на НФЛ-екипите Њујорк џајантс и Њујорк џетс и има вештачка подлога.
Фото: принтскрин/јутјуб