Паркирал на бесплатно место, но преку ноќ околу автомобилот нацртале сини линии и го казниле

Паркирал на бесплатно место, но преку ноќ околу автомобилот нацртале сини линии и го казниле

Жителите на Рим беа непријатно изненадени по необичната акција на градските служби. Имено, работниците во текот на ноќта ги пребојадисале ознаките за паркинг-места од бели во сини, и тоа околу веќе паркираните автомобили, а утрото казни ги пречекале возачите.

Еден од нив бил и 65-годишниот стоматолог Стефано Анџелони. Тој ја паркирал својата стара „хонда“ на улицата „Виа Катуло“, каде што белите линии јасно означувале бесплатно паркинг-место.

Кога следното утро се вратил по автомобилот, го дочекала сосема поинаква глетка. Паркинг-местото било означено со сини линии, кои во Рим означуваат паркирање со наплата, а на автомобилот го чекала казна од 29,40 евра.

Работниците ги обоиле линиите околу тркалата

Наместо пред боењето да ги отстранат паркираните автомобили или да ги одложат работите, градските служби едноставно ги обоиле новите линии околу тркалата на возилата.

Во Рим белите ознаки означуваат бесплатни паркинг-места, додека сините се резервирани за паркирање со наплата.

Анџелони тврди дека граѓаните не биле однапред известени за промената на режимот на паркирање во населбата Прати, каде што автомобилот бил прописно паркиран.


Целата ситуација ја снимил со мобилен телефон и ја објавил на социјалните мрежи, очекувајќи само понекој коментар од пријателите. Но видеото стана вирално, собирајќи повеќе од 40.000 прегледи и илјадници коментари.

- Погледнете го ова. Го оставив автомобилот во рамките на белите линии, а еден ден подоцна тие станаа сини. Секако дека не можеа да го кренат мојот автомобил, па едноставно ги обоија линиите околу него. Резултатот? Убава казна. Фантастично, нели? Живееме во фантастичен град - вели тој иронично во видеото.

„Најримската работа досега“

Објавата предизвика лавина од реакции. Додека некои целата ситуација ја доживеаја како уште еден апсурд на секојдневието, други беа револтирани.

- Ова е најримската работа што некогаш сум ја видел - напиша еден интернет-корисник на социјалните мрежи. Друг се пошегува дека се потребни големи уметнички способности за линиите толку прецизно да се исцртаат околу автомобилските гуми.

Некои во коментарите истакнаа дека деловите од ознаките под тркалата останале бели и сметаат дека казната може да се оспори.

Компанијата ја призна грешката и ги поништи казните

Анџелони призна дека можел да поднесе приговор, но одлучил да ја плати казната бидејќи автомобилот бил регистриран на неговата снаа и не сакал да ја изложува на дополнителни административни процедури.

Откако случајот привлече големо внимание, се огласи градската компанија АТАЦ, која управува со системот за наплата на паркирање во Рим.

Од компанијата признаа дека нивните вработени претерале. Потврдија дека ќе бидат поништени сите казни, а на тие што платиле ќе им ги вратат парите.

Најавија и дека во иднина навремено ќе ги информираат граѓаните за промените во паркинг-зоните за да не се повторуваат слични ситуации.

Паркирањето во Рим и онака е секојдневна борба

Жителите на Рим со години се соочуваат со хроничен недостиг на паркинг-места. Потрагата по слободно место често трае и повеќе од половина час. Поради тоа, многумина сметаат дека оваа необична акција на градските служби само дополнително ја влоши и онака хаотичната ситуација на римските улици.

Извор: n1info.hr
Фото: Screenshot/X