Црно-белиот нем филм „Љубовникот“ на Изи е речиси готов

Црно-белиот нем филм „Љубовникот“ на Изи е речиси готов

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Краткометражниот филм „Љубовникот“, снимен во манирот на старите неми филмови по сценарио и во режија на Игор Иванов-Изи, а во продукција на „Скопје филм студио“, е во завршна фаза на постпродукција. Филмот пред нецели два месеца беше снимен на локација во Скопје во населбата Карпош 2, каде што со креативна сценографија, костимографија и приод на камерата беше создаден автентичен амбиент за работа на нем филм од 30-тите години на минатиот век.

Наталија Теодосиева и Игор Ангелов

Речиси како низ машина за времеплов е постигнат ефектот на незвучен филм, а актерската игра со препознатливата нагласена гестикулација својствена за немите филмови шармантно ни пренесува приказна за еден љубовен триаголник.
Оваа нетипична филмска авантура за актуелното време има амбиција да потсети на филмската естетика од минатото, на големината на подвижните слики независно од тонот и гледачот да ја гледа таа сензација и натаму како свежа филмска форма, велат од продукцијата.

Сашо Петровски и Теодосиева

Улогите ги толкуваат: Игор Ангелов, Наталија Теодосиева и Сашо Петровски. Кинематографери на филмот се: Драган Салковски, Дејан Димески и Томи Салковски, костимограф е Емилија Атанасовска, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Томи Салковски.
Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“ и е поддржан од Агенцијата за филм.