Научниците успеале да го вратат стареењето кај човечките клетки

Научниците успеале да го вратат стареењето кај човечките клетки

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Способноста да се врати стареењето е нешто што луѓето се надеваат да го доживеат во нивниот живот. Иако е далеку од реалноста, последните експерименти покажаа дека научниците успеале да го вратат стареењето на човечките клетки, што може да обезбеди основа за идни лекови против стареење.

Стареењето може да се смета за прогресивен пад во телесната функција и е поврзано со повеќе хронични заболувања кај луѓето, како рак, дијабетес и деменција. Постојат различни причини зошто нашите клетки и ткива престанале да функционираат, но новиот фокус во биологијата на стареењето е акумулацијата на клетките на „биолошкото стареење“ во ткивата и органите. Овие клетки се постари оштетени клетки и ткива што не функционираат како што треба, но исто така ја компромитираат функцијата на клетките околу нив. Се покажало дека отстранувањето на овие стари дисфункционални клетки ги подобрува многуте карактеристики на стареењето кај животните, како што е одложениот почеток на катаракта.

клетки
Фото: Lorna Harries/Matt Whiteman

Сѐ уште не разбираме целосно зошто клетките стануваат вакви како што старееме, но се претпоставува дека е поради штетата на ДНК, изложеноста на воспаленија и оштетувањето на заштитните молекули на крајот од хромозоите.

Во поново време луѓето сугерираат дека поттикнувач на клетките на „биолошко стареење“ е можеби губењето на нашата способност да ги вклучиме или исклучиме гените во вистинско време и на вистинско место.

Како што старееме, ја губиме нашата способност да контролираме како се регулираат нашите гени. Секоја клетка во телото ги содржи сите информации потребни за живот, но не сите гени се вклучени во сите ткива или под сите услови. Ова е еден од начините на кои срцевата клетка е различна од бубрежната клетка, и покрај фактот што содржат исти гени.

Кога генот е активиран од сигнали однатре или надвор од клетката, тој создава молекуларна порака (наречена RNK), која ги содржи сите информации потребни за тоа што прави тој ген. Сега знаеме дека над 95 отсто од нашите гени всушност можат да создаваат неколку различни типови пораки, во зависност од потребите на клетката.  

За подобро сфаќање, замислете дека секој ген е рецепт. Би можеле да направите или благо од ванила или чоколадна торта, во зависност од тоа дали во приготвувањето ќе вклучите чоколадо. Нашите гени можат да работат на тој начин. Одлуката за тоа кој тип порака се произведува во кое било дадено време е создадена од група од 300 протеини наречени „фактори на спојување“. Како што старееме, количината на овие фактори се намалува. Ова значи дека старите клетки имаат помала способност за вклучување и исклучување на гените за да одговорат на промените во нивната животна средина.

Научниците постојано бараат начини да ги вклучат факторите на спојување. Во најновиот експеримент научниците успеале да покажат дека со лекување на старите клетки со хемикалија што ослободува мали количества на водороден сулфид може да се зголеми нивото на некои фактори на спојување и со тоа да се подмладат старите човечки клетки.

Но оваа хемикалија може да биде токсична во големи количини, па затоа е потребно да се најде начин да се достави директно до делот од клетката каде што е потребна. Со користење „молекуларен поштенски код“, научниците успеале да го достават молекулот директно до митохондриите, структурите што произведуваат енергија во клетките, каде што научниците мислат дека дејствува, овозможувајќи да се користат мали дози што имаат помала веројатност да предизвикаат несакани ефекти.

Научниците се надеваат дека со користење молекуларни алатки како оваа ќе може конечно да се отстранат старите клетки кај живите луѓе, со што ќе се овозможи лекување на повеќе болести поврзани со стареењето.

Ова е далеку во иднината, меѓутоа, во секој случај е возбудлив почеток.