„Медена земја“ конечно пред скопската публика - богат јубилеен „МакеДокс“
Десет македонски документарни филмови ќе бидат прикажани на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, беше потенцирано на денешната прес-конференција што се одржа во МКЦ-клуб и ресторан.
Филмската програма на јубилејното издание ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а ќе бидат одржани и повеќе други програмски активности, во периодот од 21 до 28 август. Се очекува на фестивалот да присуствуваат 100-ина гости.
Фестивалот ќе биде отворен со „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.
Во делот на македонски документарци ќе бидат прикажани „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева (1973-2016), кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Проекција ќе има и на документарецот „Манаки – приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој направи приказ на фотографските дела на првите балкански сниматели – Јанаки и Милтон Манаки.
Премиерно ќе бидат прикажани четири нови кратки документарци од школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ во рамките на Младинската програма. Ќе се одржи светската премиера и на „Спасение“ во режија на Никола Ивановски, како дел од Студентската програма. Во програмата на кратки документарци своја премиера ќе има „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска.
По неодамнешната премиера, фестивалската публика ќе има можност да ја проследи и проекцијата на „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, филм кој произлезе од соработката на „МакеДокс“ со танчарите од Далас блек денс театар.
Круна на македонската програма ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. По светската премиера во јануари 2019 година, на фестивалот „Санденс“ каде што ги освои трите главни награди, филмот има фантастичен успех и е прикажан на повеќе светски фестивали. Публиката со нетрпение го очекува во македонските киносали, а честа прв да го прикаже ја има фестивалот „МакеДокс“.
Филмот ќе биде прикажан на затворањето, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во Куршумли ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.
Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“. За наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.
Земја во фокус е Германија, а работите судбински се наредија десеттото издание на „МакеДокс“ да се совпадне со стогодишнината од основањето на Баухаус и 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид. Во програмата ќе бидат прикажани осум германски креативни документарци создадени во последниве 20 години.
Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. На темата копродукција од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи форумот „MakeCoProDox“, на кој ќе учествуваат претставници на филмските фондови и агенции од регионот и скандинавските земји, како и 20-ина проекти на автори од Западен Балкан, а вниманието ќе биде фокусирано кон нужните промени во создавањето на документарните копродукции во регионот. Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и од нашата Агенција за филм.
Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, исто така, ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи кои би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут-пашиниот амам.