Мачу Пикчу е постар отколку што се мислеше, покажува ново истражување

Мачу Пикчу е постар отколку што се мислеше, покажува ново истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Древната цитадела на Инките - Мачу Пикчу во Перу е еден од најпознатите археолошки локалитети во светот. До неодамна се мислеше дека бил населен некаде по 1440 година н.е., но новото радиојаглеродно датирање покажува дека е изграден неколку децении порано. Врз основа на проучување на научни остатоци на локалитетот, новата временска рамка за создавање на Мачу Пикчу е поблиску до 1420 - 1530 година.

Ричард Бургер, професор по антропологија на Универзитетот „Јеил“, предводел тим истражувачи во неодамнешното истражување на коските и забите на 26 луѓе. Во истражувањето била користена масена спектрометрија за забрзување, или АМС, за да се добијат сигурни податоци од човечките остатоци пронајдени на локацијата.

Зошто токму историчарите погрешиле уште на почеток? Извештајот опишува дека истражувачите морале да се потпрат на пишаните извештаи за тоа време.

- Недостигот на сигурно радиојаглеродно датирање за Мачу Пикчу беше резултат на широко распространето мислење меѓу археолозите што работеа на Андите дека таквите анализи се непотребни бидејќи точното датирање на локалитетите на Инките, како што е Мачу Пикчу, може да се утврди врз основа на историските извештаи на Шпанија - се објаснува во истражувањето.

macu pikcu
Фото: Freepik

Новите податоци имаат многу поголемо влијание отколку едноставна поправка на книгите по историја. Ажурираната временска рамка ќе им овозможи на историчарите да состават многу попрецизен извештај за неверојатно успешната империја на Инките.

- Можеби дојде време радиојаглеродните докази да добијат приоритет во реконструкцијата на хронологијата на императорите на Инките и датирањето на спомениците на Инките, како што е Мачу Пикчу - се вели во извештајот.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik