Какви промени носат новите модели „ајфон 15“?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Американската технолошка компанија „Епл“ ја претстави својата најнова есенска колекција на конференција во Калифорнија. Претставени се нови телефони, паметни часовници и слушалки. Ѕвезда на вечерта беше новата серија „ајфон 15“, која годинава носи многубројни промени кои се особено забележливи. Претставени се четири нови модели: „ајфон 15“, „ајфон 15 плус“, „ајфон 15 про“ и „ајфон 15 про макс“.
Првата и најзабележлива работа е новиот изглед. Минатата година „Епл“ се префрли на нов дизајн познат како „динамичен остров“, отвор на екранот сличен на остров во кој се сместени сензори и камера. Оваа година сите модели добиваат динамичен остров. Под притисок на ЕУ, компанијата мораше да се префрли на влезот УСБ-Ц, кој со години е присутен на телефоните со „Андроид“, но и на други уреди. Ова значи дека конечно пристигна иднината на полнењето за која сонувавме бидејќи сега сите телефони на пазарот користат ист влез.
„Ајфон 15“ и „ајфон 15 плус“
Дизајнот на стандардните модели, со исклучок на динамичниот остров, останува сличен на ланскиот, со алуминиумска рамка и стаклен заден дел. Екраните од 6,1 и 6,7 инчи се уште посветли од минатогодишните модели, а дисплејот е заштитен со најиздржливото стакло некогаш искористено во телефон.
Стандардните модели добиваат подобра камера од 48 мегапиксели (во споредба со претходните 12) на главниот сензор, што е резолуцијата на главната камера на минатогодишните модели на „ајфон 14 про“. Меѓутоа, телефонот ќе прави фотографии од 24 мегапиксели за да заштеди простор. Од компанијата најавиле и значително подобрени портрети поради нов софтвер за обработка на информации од сензори.
Овие модели ќе бидат достапни во розова, црна, сина, зелена и жолта боја.
„Ајфон 15 про“ и „ајфон 15 про макс“
Овие модели се изработени од малку поквалитетни материјали, па рамката сега е изработена од мат титаниум. Тоа го прави телефонот поиздржлив и полесен. „Епл“ нагласи дека новата легура на титаниум е истата што ја користи НАСА при изградбата на ровери за Марс. Напредните модели го заменуваат познатото копче за јачина на звук. Копчето станува „акционо копче“ кое може да се приспособи за да контролира различни функции, вклучително и вклучување на режимот на фокусирање, отворање на батериската ламба, стартување на камерата, стартување на снимање глас, вклучување на дигиталната лупа и отворање на поставките за пристапност, меѓу другото.
Освен тоа, напредните модели треба да бидат и побрзи и подобро да работат при играње игри. Нивните камери се значително подобрени. Тие и понатаму имаат три камери, вклучувајќи го главниот сензор од 48 мегапиксели и подобрени портрети. Моделите имаат и нови широки објективи со малку поголем број мегапиксели.
Телефото-системот значајно ја подобрува способноста за зумирање без губење на квалитетот. Ултрашироката камера сега прави подобри фотографии при лоши светлосни услови. Моделите дозволуваат и 3Д видеоснимање.
Овие модели се достапни во сива, црна, темносина и бела боја.
Покрај надворешниот дизајн, „Епл“ ја редизајнирал и внатрешноста на телефонот, па овогодишните модели би требало да бидат многу полесни за поправка.
Извор:
Danas
Насловна фотографија:
Apple