Афоризми на Душко Радовиќ што нѐ поттикнуваат да гледаме на животот од различен агол
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Душко Радовиќ е познат српски поет, новинар, афористичар и ТВ-уредник. Тој споделил многу интересни мудрости за среќата, знаењето, децата, родителите, верувањата и уште многу теми што се дел од животот.
Како и многупати досега, афоризмите на Душко Радовиќ нè поттикнуваат длабоко да размислиме за нашите зборови и постапки и да гледаме на животот од поинаков агол.
- Пред да сакате да го поправите светот, поправете си ја чешмата во домот. Светот би бил посреќен и поубав кога секој би знаел да си ја поправи барем чешмата или расипаните заби.
- Мал број животи се без конци и закрпувања.
- Грижете се за вашето презиме. Ќе живее подолго од вас и ќе одговара за сите глупости и грешки.
- Секогаш е подобро ТАМУ отколку ТУКА и секогаш е поубаво ОНА отколку ОВА. Немаме среќа со тоа што го имаме и со тоа што сме. Во нашата среќа уживаат и другите, можеби без да знаат.
- Најмногу ве мразат оние што ви должат најмногу.
- Кој умее да сака, не би требало да работи ништо друго.
- Сакајте ги своите деца дури и кога се виновни, бидејќи животот ќе ги казни дури и кога не се.
- Не можете само да се занимавате со љубов. Љубовта е убава само кога се зема здраво за готово, кога ги придружува сите наши други активности, кога ни дава сила да се реализираме успешно како поединци и членови на општеството.
- Некои луѓе нѐ понижуваат со нивната добрина. Се одвикнавме од добрината. Не разбираме зошто некој ни прави нешто ако не бара ништо за возврат. Љубезноста не може да се возврати, затоа што не се дава. Добрите луѓе се добри за себе, а не за другите.
- Оние што знаат многу - малку кажуваат. И обратно – најмногу зборуваат оние што ништо не знаат. Тоа е важно. Само размислувањето може да го спречи човекот да зборува.
- Скромните луѓе плачат срамежливо бидејќи ја знаат мерката и во плачење.
- Пред да започнете да барате среќа, проверете - можеби веќе сте среќни. Среќата е мала, обична и незабележлива и многу луѓе не можат да ја видат.
Извор:
Goodreads.com
Фото:
Facebook