„Гугл“ почна да ги брише сметките на „Џимејл“: Еве што треба да направите за да ја зачувате вашата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Минатата година „Гугл“ објави нова политика за бришење на џимејл-сметките. Иако таа објава загрижи некои корисници, не треба да се плашите дека ќе го изгубите пристапот до вашата пошта, фотографиите и документите што често ги користите. Бришењето важи само за одредени сметки и оние што „Гугл“ ги смета за неактивни.
Станува збор за сметки што не се користени повеќе од две години и „Гугл“ смета дека тие претставуваат безбедносна закана. Со оглед на тоа што со текот на годините корисниците отворија повеќе сметки што, на пример, ги користат за добивање е-пораки што се реклами и промоции, од „Гугл“ велат дека таквите сметки може да паднат во рацете на хакерите и потоа тие да ги искористат за испраќање спам, фишинг-мејлови и слично, поради што е најдобро да ги затворите.
Затоа, процесот на затворање на сметките е веќе започнат, а „Гугл“ пред да ги затвори, ќе ги информира корисниците. За оние што би сакале да ја зачуваат старата е-пошта, а не ја користеле долго време и не можат за ја запомнат, „Гугл“ има веб-страница на која можете да ја внесете главната е-пошта или телефонскиот број и на тој начин да ја дознаете заборавената пошта. Иако сите корисници нема да можат да најдат стари е-пораки на овој начин, се покажа дека во повеќето случаи тие се поврзани со вистинскиот „Џимејл“ и телефонскиот број, па многумина на крајот ја дознаваат заборавената е-адреса.
Ако имате такви постари сметки што не сте ги користеле долго време или сте известени од „Гугл“ дека планираат да ја избришат таа сметка, постојат начини да ги одржите таквите неактивни сметки во живот. Потребна е само одредена активност за да му покажете на „Гугл“ дека не е одамна заборавена сметка, туку дека сè уште имате контрола над неа и сакате да ја користите. За да зачувате такви сметки, треба да направите една од овие работи: треба да се најавите на вашата џимејл-сметка и таму да читате или праќате пошта, потоа доволно е да споделите фотографија или да гледате јутјуб-видео додека сте најавени со таа сметка или да користите „Гугл драјв“ или пребарувачот додека сте најавени на таа сметка. И тоа е тоа. Така, „Гугл“ ќе добие порака дека сè уште ви е потребна таа сметка и нема да ја избрише. Препорачливо е одвреме-навреме да ги повторувате овие активности бидејќи ако повторно ја заборавите оваа сметка во период од две години, може да добиете предупредување дека ќе ви биде затворена.
Извор:
Forbes.com
Фото: Freepik