Со „Свечен час“ одбележани 75 години постоење на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици

Со „Свечен час“ одбележани 75 години постоење на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици

Со програмата „Свечен час – средба на генерации“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја одбележа 75-годишнината од постоењето на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Раководителката, проф. д-р Искра Пановска-Димковa, рече дека Катедрата ја има честа нејзин основач и прв раководител да биде великанот на македонската наука за јазикот Блаже Конески, во чија чест Филолошкиот факултет денес го носи неговото име.

Првото предавање на македонски јазик на високообразовната институција се одржало на 16 декември 1946 година. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик, со што се поставени темелите на денешната Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици. Истовремено, тогаш е формиран и Филолошкиот факултет, кој годинава исто така одбележува 75 години постоење.

На Катедрата во изминатите седум и пол децении дипломирале над 2.000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и во средните училишта.