Скокачко колено - болест на младите
Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина
Пателарна тендинопатија (понекогаш позната во народот и како скокачко колено) е честа повреда на меките ткива што може да предизвика болка во тетивата под капачето на коленото (патела). Предизвикува и вкочанетост и слабост околу коленото. Најчесто се јавува при преголема оптовареност (overuse) на пателарната тетива.
Што е тоа што ја предизвикува пателарната тендинопатија?
И покрај многуте податоци што ја опишуваат оваа честа патологија, сè уште не е целосно разјаснето зошто некои луѓе се склони кон развивање на оваа состојба, но обично се должи на следните неколку причини:
-Репетитивен стрес на тетивата;
-Поединци со прекумерна телесна тежина;
-Нагло зголемување на телесната тежина;
-Затегнатост на мускулите на нозете;
-Слабост во мускулите на бутот;
-Несоодветни обувки;
-Вежбање на тврди површини;
Колку е честа оваа состојба?
Пателарната тендинопатија може да се јави кај секого, но дефинитивно е почеста кај младите на возраст од 15 до 30 години. Обично се среќава почесто кај луѓе што учествуваат во спортови како фудбал, тенис, ракомет и сл.
Анатомија
Пателарната тетива е особено важна бидејќи ги спојува мускулите на бутот (квадрицепсите) со коската на потколеницата преку пателата (чашката). Квадрицепсите се многу важна група на мускули бидејќи го исправаат коленото и притоа се вклучени во функционалните секојдневни активности како што се трчање, одење, качување и симнување по скали.
Пателарна тендинопатија (понекогаш позната во народот и како скокачко колено) е честа повреда на меките ткива што може да предизвика болка во тетивата под капачето на коленото (патела). Предизвикува и вкочанетост и слабост околу коленото. Најчесто се јавува при преголема оптовареност (overuse) на пателарната тетива.
Тетивата се бори да се справи со притисокот врз неа што резултира со микроповреди и промени во нејзината структура.
Кои се симптомите?
Симптомите обично се појавуваат постепено, но може да се развијат и непосредно по удар на коленото.
Болката е најчест симптом, локализирана на предниот дел на коленото (болката може да биде блага или силна). Тетивата понекогаш може да се почувствува малку задебелена (хипертрофирана). Некои луѓе може да доживеат затегнатост или слабост во мускулите на натколена мускулатура. Често може да се појави и вкочанетост во коленото – особено во утринските часови. Во зависност од степенот, некои луѓе може да искусат и благ оток околу коленото.
Корисни совети:
- Општо земено, болката во пателарната тетива сама по себе не се подобрува и не исчезнува ако продолжите да ја ставате тетивата постојано под преголем стрес;
- Иницијално, потребен е одмор за да може болката да се намали и растовари. Потоа, секојдневно се потребни вежби за зајакнување на тетивата, а исто така и вежби за зајакнување на натколената мускулатура (натколената мускулатура е особено подложна на хипо и атрофија доколку не се вежба соодветно). Интересен податок е брзата хипотрофија на мускулот vastus intermedius, eден од четирите глави на квадрицепсот, со намалување или физичка неактивност. Особено е важно правилното и соодветно загревање пред и правилното и соодветно истегнување по тренинзите;
-Правилното приспособување на активностите во текот на денот исто така може да придонесе за растоварување на болката и намалување на репетитивниот стрес на самата тетива. Се препорачуваат спортови како возење велосипед, пливање, со што вашата мускулатура ќе го задржи својот тонус, а воедно ќе се намали притисокот врз самите тетиви;
-Погрижете се да се одморите соодветно за време на вашите неделни активности.
Доколку и покрај применувањето на овие совети присутна е болката, потребно е да се советувате со специјализирано лице-доктор ортопед за понатамошен третман, правилна дијагностика и соодветна терапија.