Мажите во Македонија често чувствуваат стрес, но голем дел од нив тешко зборуваат за своите чувства и ретко бараат стручна психолошка помош. Ова го покажува истражувањето за менталното здравје на машката популација спроведено од Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ од Прилеп.
Резултатите деновиве беа објавени во публикацијата со симболичен наслов „Тишината меѓу нас“, која се занимава со тема за која сè уште недоволно се зборува во македонското општество.
Во истражувањето доброволно учествувале 306 мажи од различни возрасни групи и од различни делови на Македонија. Анкетата била анонимна и онлајн, преку платформата Google Forms, а била спроведена од 26 јуни до 2 јули 2026 година. Целта на истражувањето е да даде увид во ставовите, стравовите, навиките и потребите поврзани со менталното здравје кај мажите.
Речиси половина често чувствуваат стрес
Дури 47,7 отсто од испитаниците изјавиле дека често или многу често чувствуваат стрес. Тоа значи дека речиси секој втор анкетиран маж редовно се соочува со чувство на стрес во секојдневието.
Во публикацијата се посочува дека, имајќи предвид дека во примерокот доминираат економски активни и вработени мажи, професионалните обврски, семејните одговорности и секојдневните животни предизвици може да бидат меѓу факторите поврзани со доживувањето на стресот.
- Од аспект на јавното здравје, овие резултати укажуваат на потребата од развивање програми насочени кон превенција и рано препознавање на психолошкиот стрес кај машката популација. Резултатите дополнително ја нагласуваат важноста од унапредување на достапноста на психолошката поддршка, како и од спроведување едукативни активности насочени кон препознавање и соодветно справување со стресот, особено кај работоспособната машка популација - се наведува во публикацијата. Но, проблемот е и начинот на кој мажите се справуваат со стресот.
Срамот и стравот од осуда ги оддалечуваат од помошта
Дури 69,3 отсто од анкетираните велат дека имаат одредена тешкотија отворено да зборуваат за своите чувства. Една третина, односно 33 отсто, не се сеќаваат кога последен пат имале искрен разговор со некого за своите најдлабоки лични проблеми.
Иако 73,7 отсто велат дека имаат барем една личност со која можат искрено да разговараат, 24,8 отсто од испитаниците кога се соочуваат со личен или емоционален проблем не го споделуваат со никого. Стручната помош се бара уште поретко. Само 13,1 отсто од анкетираните некогаш побарале професионална психолошка помош.
Како најчести причини за избегнување стручна помош се наведуваат срамот и стравот од осуда – 39,5 отсто, како и неверувањето дека разговорот може да помогне – 32,4 отсто.
„Мажите треба да бидат силни и да не покажуваат емоции“
Повеќе од половина, односно 51 отсто од испитаниците сметаат дека општеството врши притисок врз мажите секогаш да бидат силни и да не ги покажуваат своите емоции. Истовремено, 51 отсто не се согласуваат со ставот дека мажот треба сам да си ги решава проблемите.
Во одговорите на отвореното прашање за притисоците со кои се соочуваат, анкетираните зборуваат за очекувања да ги исполнуваат „машките“ стандарди, страв од осуда доколку побараат помош, економски и социјален притисок и нереални очекувања од семејството и општеството.
Само 3,3 отсто од испитаниците сметаат дека во државата има доволно услуги и програми за поддршка на менталното здравје на мажите. Речиси половина, 46,7 отсто, не знаат дали такви услуги воопшто постојат.
Сепак, повеќе од половината од анкетираните би поддржале или би учествувале во иницијативи и програми посветени на машкото ментално здравје.
„Мажите молчеа, но не затоа што немаа проблеми“
Од Здружението „Филип Лукароски“ велат потребата за истражувањето произлегла и од нивното директно искуство на настаните посветени на машкото здравје.
- На настаните што ги организиравме за машкото здравје најчесто прашуваа жените. Тие доаѓаа да побараат совет за своите сопрузи, синови, браќа и татковци. Поставуваа прашања, бараа информации и покажуваа загриженост. Мажите, пак, многу почесто молчеа. Не затоа што немаа проблеми, туку затоа што со години беа научени дека не треба да зборуваат за нив. Тогаш сфативме дека пред нас стои тема за која речиси никој систематски не зборува. Така се роди идејата за ова истражување - вели Петра Лукароска, специјалист по ментално здравје и претседател на Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ од Прилеп.
Таа додава дека публикацијата е резултат на повеќемесечна работа и обид темата за која долго се молчело да добие простор во јавноста.
Од здружението очекуваат „Тишината меѓу нас“ да не остане само документ, туку да биде почеток на поширок разговор за менталното здравје на мажите, кој би довел до нови истражувања, програми за поддршка и јавни политики.
Од превенција до достапна психолошка поддршка
Препораките од истражувањето укажуваат дека унапредувањето на машкото ментално здравје бара повеќеслоен пристап – од превенција и едукација до поголема достапност на стручна поддршка и намалување на стигмата.
Како важни се посочуваат и промовирањето здрави начини на справување со стресот, како и поголемото вклучување на семејството и заедницата. Во публикацијата се посочува дека идните активности треба да се развиваат во партнерство меѓу граѓанскиот сектор, здравствените и образовните институции, локалните самоуправи и другите релевантни чинители, со следење и процена на нивната ефективност.
Токму унапредувањето и зачувувањето на машкото здравје е една од главните цели на Здружението „Филип Лукароски“, заедно со подигнувањето на свеста за превенција и рано откривање на болести, поттикнувањето физичка активност и подобрувањето на менталното здравје преку едукација и разбивање на стигмата.
Здружението го носи името на Филип Лукароски, млад прилепчанец, маратонец и студент по архитектура, кој истрчал пет маратони, но не и животниот зашто млад починал од малигно заболување. Здружението денес се обидува да отвори простор за темите поврзани со машкото здравје токму преку вакви истражувања и активности – од превенцијата и физичкото здравје до менталната благосостојба.
Фото: приватна архива