Најновото нарушување во меморијата - неможност за ментално патување низ времето

Најновото нарушување во меморијата - неможност за ментално патување низ времето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сузи Мекинон не се сеќава на своето детство, ниту пак на која било фаза од нејзиниот живот, освен животот сега, на 60 години. Таа не може да се сети на посебните настани. Знае дека била на венчавката на нејзиниот внук, знае дека нејзиниот сопруг бил со неа, но не може да се сети дека била физички присутна.

Всушност, таа има малку сеќавања за нејзиниот живот, а нема амнезија.

Многу години Мекинон не знаела дека е различна. Настојуваме да претпоставуваме дека нашите умови функционираат на ист начин. Не разговараме често за тоа како ја доживуваме меморијата. Мекинон претпоставувала дека кога луѓето кажувале детални приказни за нивното минато, тие само ги измислувале деталите за да ги забавуваат другите луѓе. Но, кога една пријателка што студирала медицина ја замолила да направи тест за меморија, како дел од нејзините студии, тогаш Мекенон и нејзината пријателка сфатиле дека ѝ недостига автобиографска меморија.

Мекенон истражувала за амнезијата, но приказните за луѓето што ги изгубиле сеќавањата како резултат на повреди на мозокот или некоја болест не одговарале на нејзиното искуство. Таа можела да се сети дека настаните се случиле; едноставно не се сеќавала дека била таму. Пред една деценија таа почнала да истражува за менталното временско патување и одлучила да го контактира научникот што работел на ова поле.

нарушување

Му испратила е-порака на Брајан Левин, научник за меморија во истражувачкиот институт „Ротман“ во Бајкрест, Торонто. Како што вели Левин, тоа бил еден од највозбудливите денови во неговата кариера. Резултатот од нивната комуникација бил идентификација на нов синдром - тешка дефицитарна автобиографска меморија.

Луѓето имаат извонредна способност ментално да патуваат низ времето, да одат назад и напред во мислите по своја волја. Размислете кога сте биле во училница во основно училиште или замислете дека наредниот викенд ќе седите на плажа. Не ги замислувате само фактите во овие ситуации; вие си го замислувате целото искуство дека сте таму. Токму оваа способност Мекенон ја нема.

- За неа, минатите настани се доживеани како таа да била во трето лице, како да му се случиле на некој друг - вели Брајан Левин.

До одреден степен сите ние го правиме ова, забораваме дека повеќето работи ни се случиле, но кај Мекенон ова е многу поекстремно. Синдромот е многу поразличен од амнезијата, што обично се случува по одреден настан или повреда на мозокот и му отежнува на човек да задржи нови информации за да создаде нови сеќавања. Луѓето со тешка дефицитарна автобиографска меморија може да научат и да задржат нови информации - но таа информација е лишена од богатството на вистинското животно искуство. Ако Мекенон може да се сети на детали за некој настан, тоа е затоа што видела фотографија или ја научила приказната за тоа што се случило. Таа не може да си замисли дека била таму или што носела или со кого била.

- Како некој друг да присуствувал на семејната свадба, а не јас. Во мојата глава немам никаков доказ дека бев таму. Едноставно не чувствувам дека тоа е нешто што го имам направено - вели таа.

Ова значи дека Мекенон не може да доживее носталгија за повторно да ги доживее најдобрите времиња во нејзиниот живот, а лошо е тоа што таа не може да се сети на болката поврзана со лошите работи. Нешто тешко, како смртта на член на семејството, го чувствува интензивно во тој момент, но наскоро болката исчезнува. Ова може да ја направи подобра личност. Таа не држи лутина бидејќи не може да ги акумулира чувствата што ја тераат да се чувствува лошо.

Што се однесува до причината, досега истражувачите не можат да пронајдат никакви болести или повреди поврзани со оваа состојба, па мора да заклучат дека луѓето веројатно се родени со тоа. Но, Левин и неговиот тим проучуваат можни врски со други услови.

Мекенон исто така има афантазија, што значи дека не може да си ги претстави сликите. Дали тоа ја спречува да ги задржи богатите сеќавања на настаните во нејзиниот ум? Тешко е да докаже.

Според Мекенон, таа отсекогаш живеела вака - така што сега кога знае дека оваа состојба ја има цел живот, едноставно е интересно и има смисла за разликите што понекогаш ги забележува меѓу неа и другите луѓе. И сега знае дека другите луѓе не измислуваат приказни.