Не сакате брокули? Виновни се вашите гени!

Не сакате брокули? Виновни се вашите гени!

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Не сакате одреден вид зеленчук? Можеби се виновни гените, велат американските научници во ново истражување.

Наследувањето на две копии од генот за непријатен вкус доведува до помал апетит за зеленчук како брокула и прокељ, покажуваат резултатите од новото истражување. Овој заклучок можеби објаснува зошто на некои луѓе не им е баш лесно во редовната исхрана да додадат повеќе зеленчук, велат научниците.

Гените можат да влијаат некој да не го поднесува вкусот на пивото, кафето или црното чоколадо.

Од еволутивен аспект, чувствителноста на горчлив вкус може да биде корисна - ги штити луѓето од јадење отровна храна. Но, докторката Џенифер Смит и нејзините колеги од Универзитетот во Кентаки велат дека поради ова, некои луѓе не можат да ја внесат препорачаната доза од пет порции овошје и зеленчук дневно.

zelencuk
Фото: Getty Images


Секој наследува две копии од генот ТАЅ2R38. Тој кодира протеин во рецепторите за вкус на јазикот што ни овозможува да почувствуваме горчина.

Луѓето што наследуваат две копии од генот наречени АVI не се чувствителни на горчливиот вкус поради одредени хемикалии. Оние со една копија од генот AVI и друг ген наречен PAV чувствуваат горчлив вкус од овие хемикалии, но не во толкава мера како луѓето што имаат две копии од PAV.

Истражувањето било спроведено на 175 лица и научниците откриле дека оние што имаат две копии од PAV јаделе само мали количини зелен зеленчук, што е добро за срцето.

- Мора да се земе предвид каков вкус има храната ако сакате пациентите да ги следат нутритивните водичи - вели д-р Смит.

Научниците се надеваат дека ќе откријат како можат зачините да го маскираат горчливиот вкус и да го направат зеленчукот поприфатлив за луѓето што не сакаат да го јадат.