Одредена доза раздразливост е нормална, но еве кога не е

Одредена доза раздразливост е нормална, но еве кога не е

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многумина од нас го знаат чувството на ненадеен наплив на гнев поради навидум мала работа како што е досадната е-пошта од колега, гледање садови во мијалникот или метеж во сообраќајот кога доцните. Следуваат непропорционални реакции, па лесно може да ѝ се налутите на саканата личност или претерано да свирите со сирената на автомобилот. Ваквите испади на раздразливост може да бидат чести поради зголемениот стрес за време на празниците.

Дефинирана како прекумерна склоност кон гнев, раздразливоста често е предизвикана од перципирани закани или фрустрација околу работите што не одат според нашата волја. И секогаш кога ќе го почувствувате тоа, знајте дека не сте сами. Во анкета од 2024 година на речиси 43.000 возрасни лица во Соединетите Американски Држави, учесниците во просек ја оцениле својата раздразливост со 13,6 на скала од 5 (воопшто не се чувствувам раздразливо) до 30 (чувство на голема раздразливост цело време).

Како што нагласува анкетата, раздразливоста е честа - и често нормална - реакција на ситуации кои се иритирачки.

- Но раздразливоста може да стане вистински товар. Може да предизвика некои луѓе постојано да се нервозни или склони кон чести или екстремни испади на гнев. Исто како што тагата и нервозата можат да ескалираат во депресија или анксиозност, раздразливоста станува патолошка кога предизвикува голема вознемиреност кај некого, или пак се меша во секојдневното функционирање - вели Рој Перлис, психијатар во Општата болница во Масачусетс.

Сепак, долготрајната раздразливост е занемарен феномен кај возрасните: истражувањата за емоционалната состојба во голема мера се фокусираат на децата и тинејџерите, каде што таа е основен симптом на тешко нарушување на расположението, кое вклучува експлозивни напади на бес. Сега, научниците почнуваат да го насочуваат своето внимание кон возрасните барајќи индиции зошто некои луѓе стануваат толку нервозни - и што можат да направат во врска со тоа.

Како изгледа раздразливоста како процес во мозокот

Она што ги прави некои возрасни посклони кон екстремна раздразливост е сè уште мистерија. 

Системите за обработка на закана и награда во мозокот се чини дека функционираат различно кај децата и адолесцентите со висока раздразливост. Во студија од 2018 година во Американскиот журнал за психијатрија, научниците им дале на 195 деца и тинејџери да играат компјутерска игра која била дизајнирана да ги фрустрира со неправедно одземање поени. Во споредба со децата со рамномерен темперамент, мозоците на оние со склоност кон раздразливост покажале зголемена активност во стриатумот, клучен регион за обработка на награда, кога тие станувале фрустрирани.

Тимот, исто така, пронашол необични реакции во мозочните региони важни за извршување задачи, што помага да се објасни зошто на раздразливите деца им е тешко да се фокусираат кога се фрустрирани. Други истражувања документираат необична активност во амигдалата - центарот за обработка на закани во мозокот - кај многу раздразливи деца.

Честата раздразливост е фактор на ризик за развој на суицидни мисли, според експертите. Проблематичните тенденции кон гнев воопшто - вклучително и раздразливоста - се исто така чести кај луѓето што доживеале трауматски настани како што е физичка злоупотреба.


Олеснување на чувството на раздразливост

Без оглед на основната причина, научниците ја препознале важноста на наоѓање третмани за луѓе со нарушени нивоа на раздразливост.

Некои експерти истражуваат спреј за нос што содржи окситоцин - „хормон на љубовта“, кој покажал одредена надеж во лекувањето раздразливи деца и тинејџери на возраст од 10 до 18 години. Моментално се тестира и техника наречена транскранијална магнетна стимулација - поставување намотка околу главите на луѓето што ослободува магнетни импулси за да се врати нормалната активност во регионите на мозокот што обработуваат награда.

Засега, експертите препорачуваат секој што има тешка раздразливост да посети професионалец за ментално здравје за да направи целосна психијатриска евалуација и да види дали има основни нарушени ментални здравствени состојби.

Когнитивно-бихевиоралната терапија, еден вид терапија со разговор, исто така може да помогне во лекувањето на раздразливоста, со тоа што ги учи луѓето да ги забележат раните знаци на гнев и да најдат конструктивни начини за управување со нивните агресивни импулси, додаваат експертите.

Извор: sciencenews.org

Фото: Freepik