Ексклузивно интервју со Студентски пленум директно од Филолошки факултет

Ексклузивно интервју со Студентски пленум директно од Филолошки факултет

Подготвил: Драгана Петрушевска

На окупацијата се дружиме и разговараме за образованието и она што не' мачи. Јас разговарав со Студентски пленум.


Драгана: Која е целта на окупацијата?

Студентски пленум: Четири месеци бевме игнорирани, бевме етикетирани, бевме отфрлени од власта. Четири месеци кулминираа со едно мачкање очи на крајот, кадешто се обидоа да ни дадат одложен рок за да „сме се привикнале на новите измени“. Ние не се согласуваме на тоа. Затоа, оваа автономна зона е начин на притисок врз власта бидејќи очигледно почнаа да сфаќаат каде грешат; за да конечно се сетат дека студентите се нивната иднина и мораат да се сетат на нас. Исто така, бараме да бидеме вклучени рамноправно во работната група којашто ќе го изработува новиот закон за високо образование.

Драгана: Тоа што се одржа изминатата недела не беше ли најавената работна група?

Студентски пленум: Не. Премиерот се јавил во 9 часот кај Ректорот за да бидеме ние кај него во 12 часот. После четири месеци одбивање, премиерот очекуваше во еден состанок од 15 минути да реши се'. Ние не забораваме што ни се случуваше минатите четири месеци. На тој состанок побаравме одложување, но ни беше тоа дозволено чисто да „сме се привикнале на новите измени“, не за да се подготви нов закон во чија подготовка би учествувале и ние. Нашето барање беше „Не за државниот испит“. Тие ни велат: „Да, но за една година“. Тоа за нас не е прифатливо.

Драгана: Кој присуствуваше на работната група и дали присуствуваше СПУКМ?

Студентски пленум: Тие не присуствуваа на состанокот.

Драгана: До кога сте подготвени да седите овде?

Студентски пленум: Неодреден период се' додека не се исполнат нашите барања.

Драгана: Што доколку некој дојде од факултетот и ве избрка?

Студентски пленум: Факултетот е наш, факултетот е под студентска контрола и никој нема легитимно право да не' избрка.

Драгана: Дали ве поддржуваат професорите?

Студентски пленум: Имаме максимална поддршка од речиси сите професори на овој факултет, а и на другите факултети кадешто се најавува еден вид бојкот или окупација.

Драгана: Слушнавме дека се најавува окупација на техничките факултети.

Студентски пленум: Техничките факултети се организираат, а дали ќе прогласат автономна зона ќе видиме утре.

Драгана: Што им порачувате на студентите?

Студентски пленум: Окупирајте ги своите факултети бидејќи тоа е единствениот начин да ги ослободите.

Драгана: На останатите граѓани?

Студентски пленум: Дојдете и помогнете ни затоа што ова не е само наша борба. Ова е борба и за вашата иднина.

Драгана: Што ни е потребно сега моментално?

Студентски пленум: Опрема за спиење: ќебиња, перници, шатори, вреќи и изомати. Храна имаме доволно, но по неколку дена ќе биде потребно уште веројатно. Исто така, потребни ни се средства за хигиена: сапун, тоалетна хартија итн. И пластичен прибор за јадење.