Конкурс за финансиска поддршка на социјални бизнис идеи на млади и студенти

Конкурс за финансиска поддршка на социјални бизнис идеи на млади и студенти

Замислете град со подвижна кујна за лицата без дом на неколку локации во градот, место каде што децата со аутизам и родителите работат по современа иновативна програма која ја подобрува нивната терапија, каде туристите користат стари велосипеди наместо јавен превоз во градот, и град во кој оние со хендикеп може да спортуваат заедно со своите пријатели, а лицата со оштетен вид да читаат најнови информации на својот таблет компјутер.


Вака би изгледал градот во кој истовремено би се примениле повеќе победнички идеи од Наградата за социјално претприемништво. Ова натпреварување се одржува во 10 европски земји и има за цел од иновативните идеи да создаде навистина успешни бизниси кои ќе го подобрат секојдневното живеење и ќе вклучат што повеќе социјални групи. Бизнисот добива нов квалитет и општеството се развива.

 
Доделување на Наградата за социјално претприемништво - Гала настан Австрија, 2014

Наградата за социјално претприемништво (Social Impact Award) е образовна програма и натпревар, а е иницирана во 2009 година од Институтот за претприемништво и иновација на Универзитетот за бизнис и економија во Виена и од Impact Hub Виена. За прв пaт годинава, наградата се одржува во Македонија, а вакво натпреварување има и во Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Романија, Русија, Србија, Словачка и Швајцарија. Во Македонија, наградата е организирана од Младиинфо Интернационал , со поддршка и партнерство на Шпаркасе Банка Македонија и Њу Менс Бизнис Акселераторот.

Студенти и млади, натпреварувајте се за парична, експертска и менторска поддршка за бизнис идеи со социјална содржина!

 
Конкурсот во Македонија беше отворен со Кик оф настан, јануари 2015 година

Вашите бизнис идеи може да ги пријавите на конкурсот најдоцна до 30 април, 2015. Трите парични награди се во висина од 3.000 евра, 2.000 евра и 1.000 евра, а се обезбедени од Шпаркасе Банка Македонија. Покрај тоа, победничките идеи добиваат бесплатно патување во Виена, инкубација, менторство и поддршка за успешно реализирање на бизнис идејата. Пријавете се тука

Доколку имате идејно оригинално решение за некој општествен проблем или размислувате за некаков проект, иницијатива или организација која ќе ѝ помогне на некоја социјална група, аплицирајте и натпреварувајте се за наградата. Идејата може да ја фокусирате на различни тематики: човекови права и еднакви права за сите, намалување на сиромаштијата, подобрување на здравствените услуги, екологија, одржливо трошење на енергијата итн.

 
Наградена идеја SIA Русија

Индивидуалното натпреварување е отворено за студентите запишани на кој било универзитет во Македонија во тековната академска 2014-2015, додека ако аплицирате како тим, половина од членовите на тимот треба да се студенти.

Досегашните наградени идеи од натпреварувањето може да Ви послужат како инспирација и тие се достапни тука