Првпат досега создадени генетски модифицирани домашни животни

Првпат досега создадени генетски модифицирани домашни животни

Подготвил: Драгана Петрушевска

Со промена на само еден ген, истражувачите од Јужна Кореја и Кина успеале да создадат свињи кои прават двојно повеќе мускули отколку нормалните свињи. Целта е производство на подобро месо, иако првите резултати не се доволно добри за да се најдат на чиниите.


Животните со повеќе мускули биле произведувани и порано, но овие животни досега не биле дело на генетското инженерство. Досега во светот не било одобрено генетско модифицирање на животните поради здравствени и еколошки причини.

Меѓутоа, „Nature news“ јавуваат за тим од научници на Националниот универзитет во Сеул кој ќе го промени тоа. Имено, истражувачите успеале да го променат мускулното ткиво на свињите со промена на само еден ген.

- Клучот за двојно поголемите мускули кај свињите е мутацијата на генот миостатин, кој е одговорен за големината на мускулите. Но кај некои животни, промената на генот може да создаде абнормалности - пишува во истражувањето.

Резултатите од тестирањата сè уште не се објавени, но прелиминарните податоци не ветуваат многу. Имено, генетски модифицираните свињи ја создале посакуваната мускулна маса, но се јавиле проблеми со нивната абнормална големина и само 13 од 32-те свињи преживеале до 8 месеци, само две сè уште се живи, а само една се смета за здрава.