Филип Стојановски, првиот дипломец на ФИНКИ со просек 10,00 - мајстор по компјутерско инженерство

Филип Стојановски, првиот дипломец на ФИНКИ со просек 10,00 - мајстор по компјутерско инженерство

Филип Стојановски пред два дена ја одбрани својата дипломска работа, со што ги заврши студиите со максималниот просек од 10.00. Овој успешен млад човек студираше информатика и компјутерско инженерство во Македонија, а веќе добил целосна стипендија да продолжи на магистерски студии на престижните Universidad Politècnica de Madrid во Шпанија, и Royal Institute of Technology во Стокхолм во Шведска.



Ќе се врати ли Филип еден ден да живее и работи во Македонија? Тоа зависи од државата која треба да наоѓа начини да ги задржува ваквите кадри, а секако, зависи и од неговите лични желби и амбиции.

Што студираше на ФИНКИ?
На ФИНКИ студирав Информатика и компјутерско инженерство, четиригодишни студии. Го одбрав овој смер поради пошироката теоретска основа која го нуди и поради љубовта кон физиката.

Какво е чувството да се биде првиот дипломец со 10.00 просек? Од што се состоеше твојата дипломска работа?
Ова се случи толку бргу, се` уште не ми се средени мислите. Пресреќен сум и драго ми е што целиот труд се исплати. Темата на дипломската работа ми беше „Апроксимации за пресметување карактеристики на големи графови“ под менторство на акад. д-р Љупчо Коцарев. Дипломската беше од истражувачки карактер, на која посветив многу време и воведов мои алгоритми за апроксимации.

Дали беа тешки студиите и дали имаше ситуации кога си добил пониска оценка, па си преполагал за 10-ка?
Сите се жалат дека е тешко. Да, не е лесен факултет, но со влужување на труд и добро планирање на времето сè се постигнува. Во прва година имав добиено една осмица и две деветки кои ги преполагав, но подоцна научив стратегија да ги делам предметите кои ги полагам на колоквиум или на испит. Оттогаш немам преполагано ништо.

Какви се твоите планови за во иднина?
Ме примија со целосна стипендија на комбинирани магистерски студии за Дистрибуирани системи и податочно рударење за големи податоци. Првата година ќе учам во Universidad Politècnica de Madrid во Шпанија, а втората во KTH Royal Institute of Technology, Stockholm во Шведска. На подолгорочен план не знам, сè зависи од тоа што ќе ми биде понудено откако ќе магистрирам.