Решаваат задачи за добро утро, ова се најдобрите матуранти по математика

Решаваат задачи за добро утро, ова се најдобрите матуранти по математика

Единаесет ученици од повеќе училишта годинава имаат ист, а со тоа и најдобар резултат по математика на државната матура. Овие матуранти се вистински херои на македонското образование, со оглед на тоа што се едни од ретките кои воопшто го избраа за полагање овој предмет на матурата. Најмногу, односно дури пет ученички се од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, а тоа се Бујароска Теодора, Велјаноска Сара, Симоноска Марија, Тофилоска Александра и Доневска Сара. Тетовската гимназија “Кирил Пејчиновиќ“ може да се пофали со двајца ученици со најдобри резултати, Јаќимоска Ирина и Ваити Амела. Меѓу најдобрите матуранти -математичари се и Николовска Теодора од средното „8 Септември“ од Тетово, Пана Даниела од „Ибрахим Темо“ од Струга, Рудан Виктор од скопската гимназија „Раде Јовчевски -Корчагин“ и матурантката Костадиновска Константина од „Јахја Кемал“ од Боговиње. Факултети.мк направи кратки приказни за некои од матурантите со кои успеавме да контактираме.


Виктор Рудан – гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, Скопје 

СО НЕТРПЕНИЕ ГИ ЧЕКАМ СТУДЕНТСКИТЕ ДЕНОВИ НА ФЕИТ

Виктор Рудан е матурант од скопската гимнаизја Раде Јовчевски Корчагин. Афинитетите кон математиката ги почувствувал уште на почетокот на основното образование. Ова младо момче ја обожува природата и природните науки. Физиката му претставува најголема пасија и нешто на што е особено посветен. Ја сака и уметноста, а има афинитет и кон глумата што можеби се должи на наследните фактори. Но, глумата засега му е хоби, бидејќи посветен е на науката.

- Осознав дека со леснотија, но и со особено задоволство ги совладував наставните содржини по предметот математика. Уживам во решавањето задачи и секогаш темелно ги изучував и се продлабочував во тематските содржини, а ми беше предизвик моето знаење да го проширам и надвор од нив. Чувствував потреба да знам што повеќе и тоа чувство и денес трае. Со оглед на тоа што во текот на моето школување учев континуирано и систематски, притоа не оставајќи ништо несовладано, подготвувањето за матурата се сведе на прелистување и потсетување на веќе наученото -раскажува Виктор.

Запишувањето во скопската гимназија Корчагин ја смета за најдобрите одлуки во неговиот живот, а посебно значење за неговото образование е тоа што завршил во француската билингвална паралелка која смета дека извршила огромно влијание на неговата лична и професионална определба.

- Посебно место во мојата меморија имаат патувањата во Франција и Тунис каде што го претставивме Корчагин и Македонија на престижни фестивали на франкофонски театар. Во Корчагин се поттикнува искажувањето на креативноста и слободната мисла. Доказ за тоа се многубројните врвни драмски и музички спектакли и учеството на корчагинците на домашни и меѓународни проекти и натпревари. Енергијата што владее помеѓу учениците е уникатна и примерна. Професорите на Корчагин ми претставуваат особено пријатен спомен. Голема чест е да слушаш и учиш од нивните предавања. Покрај нивниот професионален менторски однос, тие умеат да воспостават со нас учениците присен однос и сето тос го прави Корчагин најдобар и бренд помеѓу средните училишта.

Виктор своето образование ќе го продолжи во Македонија, на Факултетот за електротехника и информсциски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Вели дека со нетрпение чека да му почнат студентските денови.

- Продолжувам и понатаму со голем елан да се надградувам и да го збогатувам моето досегашно знаење во областа што ја сакам. Сѐ уште не можам јасно да ја согледам понатамошната професионална кариера, но цврсто сум уверен во мојата мотивираност и одлучност моите амбиции да продолжат и во иднина. Во македонското образование би скал да се сменат неколку работи, но најважно е да се обрнува многу повеќе внимание на практичното во природните науки, засега тоа многу се занемарува. И ми пречат сите нови начини за "подобрување на образованието" коишто направија благ хаос во образованието и ги ограничуваат и учениците и професорите – вели Виктор.


Сара Доневска – гимназија „Св Климент Охридски“- Охрид 

НА СТУДИИ ВО ГЕРМАНИЈА


Сара е посебно горда на успехот на државната матура и тоа што е дел од групата на 11 најдобри математичари. И таа оваа наука ја засакала од најрани години.

- Сум вложила многу труд за постепено да се надградувам. Искрено очекував висок резултат бидејќи бев задоволна од она што го решив на матурата. Инаку се надевам дека образованието ќе го продолжам надвор од Македонија. Во моментов очекувам повратен одговор од Goethe University во Франкфурт дали сум примена или не, но се надевам дека ќе добијам позитивен одговор. Одсекогаш ме привлекувале правните науки, се разбира покрај математиката, па затоа мојот избор е Правниот факултет. За дваесетина години се гледам себе си како еден од појаките адвокати или тука во Македонија или во Германија – раскажува Сара.

Во македонското образование не и се допаќа екстерното тестирање.

- Оваа реформа веќе нема никаква смисла. Инаку, средното образование ќе го паметам по позитивни работи секако, како многубројните настани организирани во училиштето, дружба со пријателите и единствената матурска екскурзија и прославата на матурата.

За себе вели дека амбициозна, решителна и тврдоглава личност.

- Сакам да се дружам, да излегувам со своето друштво, да читам книги, а поголемиот дел од денот ми е исполнет со слушање на добра музика.


Теодора Бујароска - гимназија „Св Климент Охридски“- Охрид 

ЦЕЛТА МИ Е ПРЕСТИЖЕН СТРАНСКИ ФАКУЛТЕТ

Теодора, не само што има добри резултати на матурата, таа и во текот на образованието нижела успеси на натпревари по математика.

- Одличниот резултат по математика претпоставувам се должи на долгогодишното искуство со натпревари по математика. Натпреварувачка сум од 11 годишна возраст и имам освоено многу награди на државно и меѓународно ниво. Минатата година бев член на тимот што ја претставуваше Македонија на Светската Математичка Олимпијада во Кејп Таун, ЈАР, а оваа година од Белорусија се вратив со бронзен медал од Европската Математичка Олимпијада. Резултатите не израдуваа мене и моите најблиски бидејќи се многу важни за уписот на факултет. Цел ми е да се запишам на престижен факултет во странство, но формалностите околу потребната стипендија се усте не се завршени, па затоа не можам да кажам со сигурност каде ќе студирам. Факултетот ми е нов предизвик во животот кој сите нас студентите не прави независни и поиздржливи. Важни се новите пријателства и искуства, но сепак клучно е образованието со ќе се стекнеме -раскажува Теодора.

Средното образование ќе го памети по другарствата, интересните тинејџерски години и многубројните успеси.

- Во образованието би го променила односот кон талентираните ученици од страна на државниот систем кој не нуди соодветни дополнителни програми. Исто така сметам дека треба да се вметнат повеќе практични часови во наставата.

Како и секој тинејџер Теодора сакм да излегува и да се дружи, да патува и да доживува авантури. За дваесеттина години себе си се гледа како жена со успешна кариера среќно семејство.