Ви ги претставуваме најдобрите студенти на УКИМ: Константин Битраков - најдобaр студент со просек 9,9 на Правниот факултет

Ви ги претставуваме најдобрите студенти на УКИМ: Константин Битраков - најдобaр студент со просек 9,9 на Правниот факултет

Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Факултети.мк низ неколку интервјуа, ќе ви ги претстави најдобрите студенти на најдобриот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј". Константин Битраков е студент на Правен факултет „Јустинијан Први" и е прогласен за еден од најдобрите студенти во генерацијата, со просек 9,9 поради што добил и официјално признание од ректорот на универзитетот проф. д-р Велимир Стојковски.


Константин Битраков: Трудот на секој студент еден ден ќе биде вреднуван 

Битраков во ова интервју зборува за своите планови. Во тек е и со случувањата околу новиот Закон за високо образование кој е во фаза на изработка, па смета дека тој треба да содржи одредби со кои ќе се иницираат промени во поглед на студентската репрезентативност. Според него, сегашните состојби покажуваат дека има сериозни индиции дека „претставниците“ на студентите ја злоупотребуваат својата функција.

ФАКУЛТЕТИ.MK: Како е да се биде првенец во својата генерација? Со каков просек ги заврши додипломските студии и како ти успеа да си најдобар?

КОНСТАНТИН: Живеејќи во времиња кои се ужасно демотивирачки за младите, односно времиња кои доведуваат до состојба на бесперспективност, се соочив со предизвикот да изнајдам инспирација и енергија за исцрпна работа. Подолг временски период се запрашував дали воопшто трудот во нашето општество вреди, односно дали некој го цени трудот на младите граѓани и дали треба да давам се` од себе во текот на моите студии. Меѓутоа, од неколку причини во ниту еден момент не сопрев и не решив да се откажам, без разлика на целокупната демотивирачка ситуација. На крајот од моите додипломски студии се испостави дека сиот тој труд, всушност, навистина вреди. Имено, бев прогласен за еден од најдобрите студенти во генерацијата, со просек 9,9 поради што добив и официјално признание од Универзитетот. Тоа признание беше токму поттикот кој ми беше толку нужен во тие моменти. Сега, чувствувам елан за работа и желба во секоја ситуација да го дадам својот максимум, без разлика дали во моментот се чини дека некој тоа го цени или не. На крајот, трудот на секој млад граѓанин, на еден или друг начин, ќе биде вреднуван.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Што планираш да правиш откако ќе завршиш со студиите? Каде се гледаш себе во иднина?

КОНСТАНТИН: Во овој момент не можам да речам дека имам јасна претстава за сопствената иднина, односно за кариерата кон која би тежнеел. Правниците по завршувањето на постдипломските студии се стекнуваат со низа опции, по што треба да одлучат во кое потесно поле сакаат да се развиваат. Она што со сигурност можам да го кажам за себе, е дека во секој случај сакам да се занимавам со сопствената струка, односно да се профилирам во некоја правничка професија.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Какви се твоите ставови во врска со активизмот на македонските студенти?

КОНСТАНТИН: Организирани преку Студентскиот пленум, но и како индивидуи ние студентите демонстриравме колку може да се постигне доколку граѓаните го кренат својот глас. Во само една академска година, со својата организираност, солидарност и храброст јавно да проговориме, ние студентите постигнавме повеќе одошто е постигнато речиси цела деценија претходно. Сепак, тоа не треба да влијае на нашата комотност, односно ние сме должни и понатаму да ги артикулираме проблемите со кои студентите се соочуваат и да ја продолжиме борбата. Активизмот на студентите мора да се задржи на истото ниво на кое беше и изминатата академска година, бидејќи единствено на тој начин ќе обезбедиме подобра иднина за идните генерации, но и за нас самите.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Кои работи, според тебе, е клучно да ги содржи новиот Закон за високо образование, кој е во фаза на подготовка?

КОНСТАНТИН: Новиот Закон за високо образование, најнапред, треба да биде кохерентен и доследен самиот на себе. Причната зошто го нагласувам ова е фактот што во актуелниот закон постојат низа противречности. Така, доколку се разгледа сегашниот закон ќе видиме дека во почетните негови одредби се објаснува што всушност автономијата на универзитетите значи, додека пак во натамошниот текст истата таа автономија се нарушува. Од таа причина учесниците во изготовката на новиот закон треба да инсистираат да се избегнат било какви противречности во самиот законски текст.

Освен тоа новиот закон треба во себе да ги инкорпорира фундаменталните вредности на високото образование и да овозможи соодветно ниво на автономија на универзитетите. На тој начин би се подобрила целокупната атмосфера во високото образование, со што универзитетите ќе бидат подготвени навистина да им понудат универзално (сеопфатно) знаење на младите граѓани. Тоа знаење, понатаму, ќе овозможи демократизација и развиток на нашето општество. За крај, новиот закон мора да содржи и одредби кои ќе се иницираат промени во поглед на студентската репрезентативност. Сегашните состојби во кои постојат сериозни индиции дека „претставниците“ на студентите ја злоупотребуваат својата функција, односно ја искористуваат за низа други цели наместо да се борат за правата и статусот на оние кои ги претставуваат, не смеат повеќе да се повторуваат.