Конкурс за доделување 400 (четиристотини) стипендии за социјална подршка на ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Конкурс за доделување 400 (четиристотини) стипендии за социјална подршка на ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11), член 54 став 3 од Законот за ученичкиот стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14 и 146/15) и Решение за распишување Конкурс за доделување 400 (четиристотини) стипендии за социјална подршка на ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година, Министерството за образование и наука распишува

КОНКУРС
за доделување 400 (четиристотини) стипендии за социјална подршка на ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Министерството за образование и наука за учебната 2015/2016 година ќе додели 400 (четиристотини) стипендии за социјална подршка на ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија.

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА


Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на основното образование постигнале континуиран успех од најмалку 4,00;
2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на средното образование постигнале континуиран успех од најмалку 4,00;
3. да не повторувале година во текот на образованието;
4. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
5. да се државјани на Република Македонија.
Критериум за доделување на стипендиите се:
-остварениот успех,
-материјалната состојба на потесното семејство на ученикот,
-освоени награди на меѓународни/државни натпревари и
-социјалната положба на потесното семејство на ученикот.
Еден ученик може да добие најмногу 100 бодови и тоа: за остварениот успех во текот на школувањето може да се добие најмногу до 25 бодови, од освоени награди најмногу до 10 бодови, за остварените приходи (месечни и годишни) од членови на потесното семејство најмногу до 60 бодови и по 5 бодови добиваат учениците – деца на самохрани родители, деца на корисници на социјална помош и деца на корисници на надомест по основ на технолошки вишок кај кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во Република Македонија.
За награди освоени на државно ниво ќе се признаваат само награди доделени од акредитирани здруженија на наставници од страна на Министерството за образование и наука кои организираат натпревари на ученици.

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ


Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http:// konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 03.11.2015 година до 15.11.2015 година.
Пред започнување со електронското пријавување, задолжително да ги комплетирате сите потребни документи од точка III на овој Конкурс.
Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 14.12.2015 година на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk.

III. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ


Учениците, кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, од 16.11.2015 – 27.11.2015 година, од 09-15 часот, ги доставуваат следните документи:
1. Евидентен лист;
2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2015/2016 година;
3. Идентификационен број од успешно пополнета електронската пријава;
4. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);
5. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;
6. Потврди за остварена плата на вработените членови на семејството за месец септември 2015 година или доколку за овој месец не е исплатена плата, да се достави потврда за последната исплатена плата (за родителите-старатели вработени во државни и јавните установи да се достави потврда за плата заверена од овластен орган, а за родителите-старатели вработени во приватни фирми да се достави потрда за плата како и заверена декларација за прием на платата); за пензионираните членови на семејството да се достави документ за висина на пензија-чек; за разведени родители да се достави доказ за разводот и доколку кандидатот прима алиментација истата да се прикаже како месечен приход, за корисници на социјална помош да доставуваат последно решение или последен чек, за инвалидитет да се достави лекарска белешка, додека за браќа/сестри на кандидатот, кои се ученици/студенти, се доставува потврда од училиштето, односно факултетот или друга институција;
7. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk;
8. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити и податоците во нив се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава, објавена на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk;
9. Изјава потпишана од родител-старател за обработка на личните податоци на кандидатот и неговото потесно семејство (родители-старатели, браќа, сестри), со која се сложува Министерството за образование и наука по службена должност да ги обезбеди потребните документи од јавни институции со кои има склучено договори за соработка, објавена на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk;

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно потпишани договори за соработка, ќе ги обезбеди следните документи:
-Уверение од Управата за јавни приходи, за остварени годишни приходи по разни основи за претходната година (приходи од самостојна дејност, приходи од вршење земјоделска дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, капитални добивки, добивки од игри на среќа и други наградни игри, други приходи) за двајцата родители – старатели на кандидатот
-потврда дека се невработени или примаат/не примаат паричен надоместок невработените членови на потесното семејство од Агенцијата за вработување на Република Македонија;
-извод на родени за брат/сестра под 6 годишна возраст, како и извод на умрените за починат родител од Управата за водење на матични книги;
-уверение за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:
-некомплетна и/или
-ненавремено доставена.
Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место на државни или меѓународни натпревари, односно награди и пофалници за учество на натпревари без освоено место, нема да се земат во предвид.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако Комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација.
Комисијата може да утврди дополнителни критериуми доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови.

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА


Висината на стипендијата ќе изнесува 2.200,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.