Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11), член 54 став 3 од Законот за ученичкиот стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14 и 146/15) и Решение за распишување Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година, Министерството за образование и наука распишува

КОНКУРС
за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија
за учебната 2015/2016 година

Министерството за образование и наука за учебната 2015/2016 година ќе додели 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, од кои 45 (четириесетипет) стипендии за талентирани ученици од јавните средни училишта во Република Македонија и 5 (пет) стипендии за талентирани ученици од приватните средни училишта во Република Македонија.

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА


Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на претходните две учебни освоиле најмалку две награди за освоено I, II или III место во поединечна категорија на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на науката, техниката, културата и уметноста, соодветни на струката што ја изучува ученикот во средното училиште (Списокот на предмети значајни за струката е прилог на овој конкурс објавен на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk);
2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна година освоиле најмалку една награда во поединечна категорија за освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на науката, техниката, културата и уметноста, соодветни на струката што ја изучува ученикот во средното училиште (Списокот на предмети значајни за струката е прилог на овој конкурс објавен на интернет порталот http:// stipendii.mon.gov.mk);
3. да имаат постигнат континуиран одличен успех 5,00 во досегашното образование;
4. да не повторувале година во текот на образованието;
5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
6. да се државјани на Република Македонија.
Критериум за доделување на стипендиите се освоените награди во поединечна категорија на државни или меѓународни натпревари.

При утврдување на вкупните бодови од освоените награди за ученици од I година ќе се вреднуваат двете највисоко рангирани-освоени награди, а за учениците од II, III и IV година ќе се вреднува само една највисоко рангирана-освоена награда.
За доставените повеќе од две награди-дипломи за учениците од I година, кои се освоени во текот на претходните две учебни години, односно повеќе од една награда-диплома освоена во последната учебна година за учениците од II, III и IV година за поединечно освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на науката, техниката, културата и уметноста, соодветни на струката што ја изучува ученикот во средното училиште, се добиваат дополнителни бодови и тоа: за секое освоено I (прво) место на меѓународен натпревар со дополнителни 3 бодови, a на државен натпревар со 2 бода, за секое освоено II (второ) место на меѓународен натпревар со дополнителни 2 бода, а за државно со 1 бод, за секое освоено III ( трето ) место на меѓународен натпревар со дополнителни 1 бод, а на државен натпревар 0,5 бода.

За награди освоени на државно ниво ќе се признаваат само награди доделени од акредитирани здруженија на наставници од страна на Министерството за образование и наука кои организираат натпревари на ученици.
Под меѓународен натпревар се подразбира меѓусебен натпревар помеѓу ученици од најмалку десет различни држави.
Комисијата може да утврди дополнителни критериуми доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови.

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http:// konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 03.11.2015 година до 15.11.2015 година.
Пред започнување со електронското пријавување, задолжително да ги комплетирате сите потребни документи од точка III на овој Конкурс.
Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 14.12.2015 година на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk.

III. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

Учениците, кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, од 16.11.2015 – 27.11.2015 година, од 09-15 часот, ги доставуваат следните документи:
1. Евидентен лист;
2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2015/2016 година;
3. Идентификационен број од успешно пополнета електронската пријава;
4. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);
5. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;
6. Доказ за меѓународниот карактер на натпреварот.
7. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена на интернет порталот http:// stipendii.mon.gov.mk;
8. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити и податоците во нив се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава, објавена на интернет порталот http:// stipendii.mon.gov.mk;

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно потпишани договори за соработка, ќе ги обезбеди следните документи:
-уверение за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.

Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои не се освоени во претходните две учебни години за учениците од I година, или во претходната учебна година кај учениците од II, III и IV година нема да се земат во предвид.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:
-некомплетна и/или
-ненавремено доставена.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако Комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација.

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.970,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.