Мартина Димоска, најмладата Македонка која има свој патент: "Верувајте во своите соништа"
„Факултети.мк" ќе објави неколку куси интервјуа со познати и успешни лица како и со влијателни твитерџии и блогери, кои даваат оценка за годинава што изминува, а одговараат и на прашањето, што е она што очекуваат да се промени во следната календарска година.
Мартина Димоска е најуспешната студентка на насоката за нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Добитник е на многу награди и признанија. Таа е најмладата Македонка која има свој патент.
Што е она по што ќе ја паметиш 2015-та година?
2015-тата година ќе ја паметам по секое парче добрина направено од оние луѓе со душа, сите нивни тивки херојства на кои сум била неочекуван сведок. Ќе ја паметам по одлични конгреси за образование кои се одржуваа на техничките факултети и за сите револуционерни и напредни решенија во областа на инженерството споделени со студентите. За огромната поддршка што ја добивам како стипендист на Технолошко-Металуршкиот факултет. По прекрасното искуство во NewMan's Business Accelerator, за сите успешно изработени проекти таму како и прекрасните пријателства и можности кои ги нудат! За успешното дипломирање на нивната академија за Мехатроника и Роботика. Посебен акцент би ставила на N.A.S.A. Space Apps натпреварот каде по победата станав најмлад N.A.S.A. Space Apps ментор. Ќе ја паметам по победата на првиот климатски предизвик #ОдТебеЗависи, кој беше отворен за сите компании и ентузијасти кои сакаа да помогнат со намалувањето на загадувањето. Секако и по добиениот производ од тој предизвик, односно влошките за патики што генерираат електрична енергија и полнат батерии и направи со USB приклучоци. Горда сум на таквите искуства и особено врежано во мојата меморија ќе биде тоа што годинава сум прогласена како најмладата Македонка што изработува патент. Горда и пред се` благодарна сум на целиот мој тим и сите тие добри луѓе што веруваат во мене. Ќе ја паметам по пресвртите. Ќе ја паметам по разделбите и повторните средби. Ќе ја паметам по погрешните и уште повеќе по правилните одлуки. По сите падови но и издигнувањето над нив посилна, помудра и поискусна. По љубовта што сум ја врачила и добила од сите мили најблиски околу мене.
Што очекуваш и што би сакала да се промени во 2016-та година?
Во 2016-та би посакала сите да веруваат повеќе во своите соништа. Да бидат исполнети со елан и мотивација за да можат да ги остварат сите оние работи кои што им тежеле и да ги исполнат пасиите кои ги подзаборавиле.
Би посакала подобар стандард за живеење на сите луѓе, не само на студентите само затоа што тоа мене лично ме засега, туку на сите, затоа што верувам во неизмерна добрина. Покрај тоа што им посакувам да се здрави и живи, им посакувам на луѓето и да поработат на своите маани и грешки. Да не бидат понесени од гордоста и да знаат како да кажат „извини“. Да не се толку ненаситни, незадоволни, алчни и зајадливи и повеќе да веруваат во човештвото. Да ги прават мали работи среќни затоа што животот како да станува се` посив и се` пократок. Да станат промената што сакаат да ја видат без да имаат потреба од еден тон мотивациски пораки на фејсбук.
За крај би посакала несебичност. За да резултира во уште поголема среќа и исполнетост.